Леден десерт од лубеница кој ќе ве освежи во летните денови
Дали обожавате лубеница и сакате да најдете нов начин да уживате во неа? Тогаш треба да направите гранита од лубеница. Гранита е леден десерт кој потекнува од Италија. Се верува дека можете да пробате „вистинска“ гранита само на Сицилија, но во секој дел од Италија може да најдете нова вкусна верзија на овој освежувачки десерт.
Некои сметаат дека гранитата треба да биде кремаста како сладолед, додека, пак, други мислат дека тајната на нејзината популарност лежи во дебелите кристалчиња. Водата и шеќерот ја сочинуваат основата на гранитата која се надополнува со разни вкусови како што се лимон, шумско овошје, нане, кафе или бадеми.
Една од најпопуларните верзии е таа од лубеница. Со оглед на тоа што лубеницата содржи повеќе од 90% вода, кај оваа гранита нема потреба од додавање вода. Погледнете го овој едноставен рецепт за гранита од лубеница…
Потребни состојки:
- 1 килограм лубеница
- Сок од 2 лимети
- 4 супени лажици шеќер
Начин на подготовка
Извадете ги семките од лубеницата и исечете ја на мали парчиња. Исцедете го сокот од лиметите. Ставете ја лубеницата, сокот од лимета и шеќерот во блендер и добро промешајте додека не добиете течна смеса. Истото можете да го направите и со миксер или со гмечала за компир.
Ставете ја смесата во длабок калап за печење колачи, покријте го со пластична фолија и ставете го во замрзнувач 3 часа. Потоа извадете го калапот од замрзнувач и со лажица или виљушка „гребете“ ја гранитата додека не ја претворите во мали кристали. Послужете ја во мали чинии или чаши по желба и уживајте во ова летно освежување!
Ако и вие го обожавате ова летно освежување, дознајте како да уживате во лубеницата на 3 креативни начини.