Лажни мафини од овес за совршено здрав појадок
Овесот е една од најздравите житни култури, а покрај тоа што не содржи глутен, тој е и одличен извор на витамини, минерали, растителни влакна и антиоксиданси. Најчесто консумираната храна која содржи овес е овесната каша која е наш чест избор за појадок. Постојат многу одлични рецепти кои ве натераат да ја консумирате оваа житарка секое утро, но ако сакате разноликост, ние ви нудиме решение!
Ова е рецепт за лажни овесни „мафини“ кои може да ги замрзнете и така да имате при рака здрав оброк кога тој и да ви затреба – за појадок, ужина или вечера, со чоколадо, разни овошја или путер од кикирики – изборот е ваш.
Сè што треба да сторите е да ги стоплите „мафините“ и да уживате во нивниот вкус. Покрај со сушени боровинки и бадеми, вашите „мафини“ можете да ги збогатите и со екстракт од ванила, лешници, парчиња кокос или чоколадо, како и суво грозје или ореви.
Потребни состојки:
- 150 г овес
- 800 мл вода
- ½ лажичка сол
- 3 лажици кафеав шеќер
- ½ лажичка цимет
- 20 г сушена брусница
- 30 г сечкани бадеми
Начин на подготовка:
- Сварете го овесот во вода со сол според упатствата на пакувањето. Откако ќе се зготви овесната каша, додајте го кафеавиот шеќер и циметот.
- Калапот за мафини премачкајте го со путер или кокосово масло. Истурете ја смесата од овес во секоја вдлабнатина од калапот, но не ги полнете до крај. Одозгора ставете сушена брусница и бадеми и нежно притиснете ги во овесот.
- Ставете го садот за мафини во фрижидерот и почекајте смесата да се излади, а потоа префрлете го во замрзнувачот за да ги замрзнете „мафините“ до крај.
- Откако „мафините“ ќе бидат целосно замрзнати, можете да ги извадите од калапот и да ги префрлите во кеса за вакумирање.
- Пред послужување, сè што треба да направите е да земете два или три лажни „мафини“, да ги стоплите и да уживате во нивниот вкус со чаша млеко.
Добар апетит!
Можеби сакате да го дознаете и рецептот за тортата со грешка и да откриете зошто оваа торта од 4 состојки е најпопуларна во Италија веќе 100 години.