„Квадратно дишење“ за позитивни вибрации и смирување на умот
Во потрага по едноставен начин за смирување на напнатоста во текот на стресниот работен ден, оваа техника на дишење можете да ја применувате каде било, па дури и на своето работно место. Тоа е едноставен и ефикасен начин да се смирите и да уживате во неколку минути мир коишто ќе си ги посветите себеси.
Дишењето се состои од четири фази за кои најчесто не сме свесни. Кога дишеме позабавено, ќе забележиме дека по секое вдишување и издишување, доаѓа до лесно задржување на здивот. Така, имаме вдишување, задржување на воздухот по вдишувањето, издишување и мала пауза по издишувањето.
Сите четири фази се важни за ритамот на дишењето, пренос на кислородот и регулацијата на „прана“, односно животната витална енергија. Квадратното дишење или „samavritti pranayama“ е една од ретките техники на дишење којашто внесува рамнотежа во вдишувањето и издишувањето. „Sama“ на санскрит значи еднаков, а „vritti“ промена, бран, модификација…
Овој начин на дишење ја подобрува концентрацијата, помага при медитацијата и ја регенерира животната и психичката енергија, вклучувајќи ги и чакрите. Без оглед дали сакате да се наполните со енергија или да го смирите умот, оваа вежба дава одлични резултати.
За почеток можете да ја користите шемата 4-4-4-4 секунди (вдишување, задржување, издишување, задржување), како што е прикажано на сликата погоре. Тоа претставува еден круг од вежбата. Слободно можете да го покачувате броењето сè додека тоа ви претставува пријатно чувство, а не заморување.
Со текот на времето, можете да ја зголемите должината на ритамот на вдишување и издишување на 6 или 8 секунди. Но, внимавајте, сè што е над 8 секунди е за напредни практиканти.
Овој начин на дишење не зависи од посебни надворешни фактори, туку сè што треба да направите е следното:
1. Држете го ‘рбетниот столб исправен во текот на целата постапка. Очите треба да бидат затворени.
2. Дишете низ двете ноздри. При задржувањето на воздухот држете ги ноздрите затворени со мудрата Вишну (показалецот и средниот прст на раката се свиткани, со палецот ја затворате десната, а со домалиот прст левата дупка од носот – оваа мудра е прикажана на фотографијата погоре). Доколку сте на работното место и не сакате да го привлечете вниманието на вашите колеги, дишете без затворање на носот.
3. Визуализирајте квадрат. Следете го ритамот на дишењето низ квадратот во правец на стрелките на часовникот.
4. Наместо броење, можете ментално да повторувате „Ом“. Со други зборови, наместо да броите до 4, во текот на сеансата 4 пати повторете „Ом“). Тоа помага во откривање на менталната длабочина, а подоцна може да се поврзе и со отчукувањата на срцето.
5. Дишете природно! Опуштете го целото тело и не правете ништо под притисок.
6. Сконцентрирајте се на внатрешниот мир. Неколку минути заборавете на сè околу себе и целосно предајте се на дишењето.
Дишете барем 5 минути на овој начин и ќе се изненадите какво дејство има оваа едноставна техника.