Кулинарски трикови: 4 здрави оброци кои можете да ги понесете на работа
Поради бурниот начин на живот и преголемиот број обврски, многупати немаме време за да се храниме здраво, па најчесто купуваме нешто од пекара или пак се одлучуваме за брза храна. Таквата исхрана воглавно нѐ здебелува и ни ја црпи енергијата, па затоа после оброкот сме толку уморни што радо би дремнале. Дали ова ви звучи познато?
Ви претставуваме 4 одлични предлози со кои нездравите оброци ќе ги замените со вкусни и здрави, а нив можете да ги подготвите дома за потоа да ги јадете на вашето работно место:
1. Пилешки стек
Пилешкиот стек е идеален оброк по кој нема да бидете гладни, а ни уморни неколку часа по консумирањето. Испечете пилешко и сервирајте го со зеленчук, како на пример домат, краставица, пиперка, зелена салата и слично. Сето тоа заедно измешајте го и зачинете го со маслиново масло, сол, и по избор можете да додадете и малку сирење.
2. Салата
Свежиот зеленчук е најдобар избор. За летните денови ви препорачуваме салата со сирење, домат и многу марула. Салатата зачинете ја со малку маслиново масло и сол.
Салатата од јајца е исто така одличен оброк. Сварете 2 јајца, исечкајте ги и измешајте ги со свеж спанаќ. По желба можете да додадете и малку пршута или сланина.
3. Печен карфиол со јајца
Сварете ги карфиолот (или брокули) и јајцата. Потоа во тава ставајте ред карфиол, па ред јајца, сѐ додека не ги потрошите подготвените состојки. На крајот ставете лажица путер (распоредете го рамномерно) и тенки парчиња сирење. На крај, ставете го тавчето во рерна и потпечете го јадењето. Иако овој оброк можете да го јадете и ладен, идеално би било пред консумирање малку да го подгреете.
4. Полнета пиперка
Наполнете една или две пиперки со смеса од посно сирење, црвена пиперка, малку сол и бибер. По желба, можете да додадете и друг зеленчук, на пример краставица, парчиња јајце или јаткасти плодови.
Прочитајте ги и овие 10 навики во исхраната со кои ќе го зачувате здравјето и без држење диети.