Корисни совети за сите родители: Зошто не треба да ги пишувате домашните задачи на вашите деца?
Вистински предизвик е да се биде родител и не е лесно секогаш да се донесе вистинската одлука за детето. Не очајувајте доколку сметате дека сте направиле неколку грешки. Сите родители се чувствуваат така. Овие неколку фантастични совети ќе им помогнат на вашите деца да пораснат и созреат, но и ќе ви овозможат да формирате одличен однос со нив. Прочитајте за што станува збор…
Не ги форсирајте вашите деца
Од голема важност е секое дете да има слободно време од 2 до 4 часа дневно, кога нема да прави ништо посебно. Анксиозните и амбициозни родители ги форсираат нивните деца да работат и да се дружат многу повеќе одошто би требало. Ги запишуваат на разни курсеви за странски јазици, спортови, секции и слично. Честопати родителите не забележуваат дека отишле малку предалеку. И на децата им треба слободно време исто како и на возрасните.
Секогаш бидете на нивна страна
Кога разговарате со наставниците за вашите деца или се обидувате да решите некои проблеми поврзани со училиште, секогаш треба да застанете на страната на детето. Не плашете се од тоа дали детето ќе има лоши оценки. Плашете се од можноста вашите деца да почнат да го мразат училиштето и учењето во целост. Ова може да прерасне во голем проблем и затоа треба да ја спречите неговата појава. Тоа не значи дека по секоја цена треба да ги одобрувате постапките на детето. Укажете му на тоа што е правилно, но на пријателски начин.
Не грижете се премногу за училишниот успех на детето
За жал, родителите обрнуваат премногу внимание на училишниот успех на децата и нивните оценки. На пример, на родителските средби, најчесто се поставуваат прашања од типот „Која оценка ја доби?“, „Дали се однесува добро на часовите?“, наместо прашања како „Како се чувствува моето дете за време на часовите?“, „Дали делува нервозно?“. Родителите треба да се грижат за нивните деца, а не да се однесуваат како шефови опседнати со нивниот успех и начин на работа. Чувствата на детето треба да ви бидат на прво место, а не неговите оценки.
Дознајте ја вистинската причина зошто на детето му е тешко да пишува домашно
Доколку вашето дете има проблем со домашните задачи, секогаш постои вистинска причина за тоа која нема никаква врска со мрзливоста. Според некои психолошки истражувања, идејата за „мрзливост“ воопшто не постои. Вистинските причини се недостаток на мотивација и волја. Ваша обврска е да дознаете каде лежи сржта на проблемот.
Никогаш не ги пишувајте домашните задачи на вашите деца
Вашето дете можеби има проблем со извршување на домашните задачи поради некои навистина сериозни причини, како што се зголемен интракранијален притисок, хипертензија (висок крвен притисок), психолошки проблеми, синдром на невнимание и хиперактивност (ADHD) и слично. Наместо да поминете цела ноќ обидувајќи се да ги решите задачите по математика, подобро би било да откриете која е причината за неговата одбивност кон домашното и да се справите со неа, наместо да ја припишувате на неговата мрзливост.
Добриот однос со вашето дете треба да ви биде приоритет
Запаметете дека секогаш треба да ги ставате семејните односи на прво место. Оценките треба да се најдат на дното од листата на вашите приоритети.
Фокусирајте се на љубовта и суштинските вредности
Кога вашите деца ќе станат тинејџери, нивната психа ќе биде многу кревка. Сетете се на сите тие подготовки за крајните испити и тестови низ кои и вие сте поминале. Сигурно целото семејство било под стрес, а не само детето. Тоа може да доведе до многу караници, хистерично однесување и тензија. Како да го одбегнете овој кошмар или барем да ги сведете неговите последици на минимум? Фокусирајте се на љубовта и на најважните, суштински вредности.
Кога сите оценки ќе бидат добиени, а солзите предизвикани од стресните тестови ќе бидат избришани од вашето сеќавање, единственото нешто што ќе има некакво значење е довербата, разбирањето и пријателскиот однос со вашите деца. Дали сѐ уште ги имате овие работи? Лесно е да го натерате вашето дете да добие петка, но немојте да го уништите вашиот однос само поради тоа што посакувате да се запише на најдобриот универзитет каде што вие не сте имале можност да студирате. Никогаш немојте да ги остварувате вашите сопствени желби и амбиции преку децата. Секако дека треба да им посакувате сѐ најдобро, но не заборавајте пред сѐ да им подарите љубов и грижа.