Корисни совети кои ќе ви помогнат да откриете што навистина сакате да правите во животот
Во секој човек има страст и љубов кон некоја работа, желба да прави нешто што ќе го исполнува и ќе му нуди неверојатно чувство на задоволство и мир. Но, не секој го открива тоа во ист период од својот живот. Некои знаат уште од мали деца, некои луѓе стануваат свесни кога се веќе во своите 20-ти години, а на некои им треба малку повеќе време, инспирација и соодветен сплет на околности. А ако сте и вие меѓу овие последните, тогаш следниве неколку совети ќе ви помогнат малку да го забрзате процесот кон откривање на она што навистина сакате да го правите во животот.
Верувајте дека вашиот „вистински повик“ ве бара вас, како што и вие го барате него
Можеби нема да се случи веднаш, ниту, пак, во блиска иднина, но факт е дека ќе дојде моментот кога ќе се соочите со вашиот „вистински повик“. И тогаш, тоа чувство дека нешто недостасува ќе исчезне бидејќи ќе знаете дека тоа што сакате да го правите конечно ви е на дофат на рака.
Форсирањето на процесот на откривање воопшто нема да ви помогне
Но, може да ве одведе на погрешна патека. Сите нервози и цела таа нестрпливост нема да ве одведат далеку, освен во насока каде повеќе нема да си се допаѓате ни на самите себе. Немојте да ја туркате работата, бидете стрпливи и сѐ ќе си дојде на свое место кога ќе биде време за тоа.
Земете го предвид начинот на кој сте се справиле со најтешката ситуација во вашиот живот
Велат дека храбри се оние луѓе кои колку пати и да паднат, повторно стануваат на нозе и продолжуваат со крената глава. Дури и во најтешките моменти, тие луѓе нашле начин како да се справат со проблемите и така станале посилни и поиздржливи. И вие сигурно сте имале таква ситуација во вашиот живот. Размислете за тоа како сте ја решиле ситуацијата, на кој начин сте си помогнале себеси и што вие сега може да му понудите на надворешниот свет на база на научените лекции.
Следете ги нештата кои ви носат задоволство
Кога нешто ви се допаѓа, тогаш тоа го правите со љубов и чувство на едноставност. Не може да се сопрете и не ни сакате, едноставно уживате во тоа. А кога нешто ви причинува напор или пак, не чувствувате како нешто да ве влече да го правите тоа, тогаш веројатно не треба ни да го правите. Вие не го сакате тоа, тоа не е вашиот повик. Бидејќи да беше, вие ќе се чувствувате како да играте некоја игра, а не како да сте заглавени во реалноста. Не е лесно и нема да биде, ќе чувствувате страв и можеби паника, но следејќи ги нештата кои ви носат задоволство, кога-тогаш ќе го пронајдете тоа што го барате.
Пронајдете ја последната работа која навистина ве исполнувала
Можеби не знаете во која насока треба да одите, но знаете од каде сте дошле и тоа можете да го искористите во ваша полза. Прочепкајте во минатото, одете чекор по чекор од сегашниот момент, па наназад и најдете ја последната работа која додека сте ја правеле, сте чувствувале вистинско задоволство. А кога ќе ја најдете, размислете што ви кажува таа, како може да ја искористите и каде може да ве однесе. Можеби сега ги гледате работите од малку поинаква перспектива.
Престанете да размислувате
Кога нешто посакуваат и очекуваат, луѓето имаат тенденција премногу да размислуваат за тоа. Потрагата по „вистинскиот повик“ не е ништо поразлична. А колку повеќе размислувате за нешто што не сте ни сигурни што е, тогаш многу е поверојатно дека кога тоа навистина ќе дојде, нема ни да го забележите.
Препуштете се
Добро е да се има план, но не секогаш можете да предвидите што сѐ животот решил да ви постави на патот. Затоа, едноставно и лесно препуштете се на спонтаното, на она што не ви е познато. И не секогаш ќе испадне како што сте сакале или замислувале. Па што? Тоа е животот – непредвидлив во секоја смисла на зборот. Препуштете се, можеби токму тоа ќе ве одведе кон она што сакате да го правите во животот.
Подарете си слобода да се чувствувате лудо
Веројатно инстинктите кои ќе ве одведат до вашиот „вистински повик“ ќе направат да се чувствувате како да сте полуделе. Ќе мислите дека целосно сте застраниле од патот по кој треба да одите, но баш тоа е убавото и возбудливото, нели?! Подадете се кон различното, колку и да се чувствувате луди додека го правите тоа. Тоа е добар знак.
Одберете нов претставник за „другите“ во вашиот живот
Не постои човек на светот кој помалку или повеќе не се оптоварува со тоа што другите размислуваат за него. Но оставајќи другите да судат за тоа што ви се случува во животот и што правите со него и не е секогаш најдобра идеја. Да, нормално е да ве интересира мислењето на вашите блиски, биле тоа членови на семејството или пријателите, но некогаш ви е потребна поинаква перспектива, друг водич, нова инспирација. Најдете го тоа во друга личност, објект на ваше верување, духовен или религиозен водич или што и да ви паѓа во моментов на ум. Потребно ви е.
Но најмногу, следете ја својата интуиција. Најчесто е во право.