Која е тајната на аргановото масло?
Аргановото масло што денеска често се користи за нега е составен дел на голем број козметички производи. Се произведува од плодовите на истоименото дрво, кое во Мароко се смета за дрво на животот, бидејќи е отпорно на суши и е долговечно – може да опстане и до 200 години. Според преданијата, ако некако се случи да се исуши, ова чудесно дрво може да оживее на истото место по 7 години.
Кози на гранките
Една од најомилените атракции во југозападниот дел на Мароко се козите кои се качуваат на дрвото за да ги јадат лушпите на плодовите, а семките ги плукаат на земјата. На овој начин, тие помагаат при берење и собирање на семките на ова дрво, чии плодови се едни од најбараните и најценетите суровини за производство на козметика.
Природен лек кој го подобрува здравјето
Дрвото арган се наоѓа на листата на УНЕСКО, поради тоа што е важно за одржување на еколошката рамнотежа во природата: тоа е храна за животните, заштита за другите растенија и спречува ерозија на почвата. Луѓето во овие делови одамна го користат и како додаток во исхраната.
Аргановото масло може да се додаде во намази и да се пржи со него, а Мароканците советуваат да се комбинира со козјо сирење, со салата, да се додаде во овесна каша или во јогурт. Го користат и како природен лек за имунитет, но и за ублажување на воспаленија.
За еден литар масло, потребни се 100 килограми плодови
Ова скапоцено масло одамна е познато во Африка како еликсир на убавина, а глобална популарност стекна во последните неколку години. Традиционално, жените кои го произведуваат прво рачно ги кршат лушпите на семките, за да дојдат до помалите семчиња внатре, кои потоа се преработуваат со ладно цедење. За еден литар масло, потребни се околу 100 килограми плодови и 20 часа рачна работа.
Го подобрува тонусот на кожата
Поради концентрацијата на активни состојки, ладно цеденото арганово масло ја обновува кожата, ја негува косата и ги зацврстува кршливите нокти. Тоа исто така ги подобрува циркулацијата и тонусот на кожата на лицето и со тоа го забавува процесот на стареење. Штити од ултравиолетови зрачења, а има и антигабично и антивирусно дејство.
Аргановото масло одлично ги обновува липидите, односно мастите кои се наоѓаат во заштитниот слој на кожата, а важни се и за хидратацијата. Масните киселини од аргановото масло имаат слична структура, па затоа со редовно користење кожата на лицето и телото природно се обновува.
Предлог домашна маска за коса со арганово масло
Потребни состојки:
- 200 грама шеа путер
- 50 милилитри арганово или рицинусово масло
- 10 капки етерично масло до иланг-иланг
- 10 капки етерично масло од лимон
Начин на подготовка:
Најпрво шеа путерот се топи на пареа. Во стопениот путер се додаваат маслата и добро се меша. Се чува во стаклена тегла.
При употреба, се зема мала количина и се масираат темето и влакната. Не претерувајте со количината, маската не смее да се цеди од косата. Откако ќе нанесете, завиткајте со крпа, оставете да делува 30-тина минути и измијте со шампон.
Прочитајте и зошто аргановото масло може да ги замени сите лосиони и креми кои ги користите!