Која е разликата помеѓу немирното и хиперактивното дете?
Вашето малечко не мирува ниту еден момент. Постојано скока и брза некаде, а вие и понатаму се надевате дека наскоро ќе се смири. Но, дали сте се запрашале дека можеби вашето дете не е само немирно, туку има некое психолошко нарушување? Ви ги откриваме разликите помеѓу немирното и хиперактивното дете.
Ако вашето дете постојано брза, започнува да ја извршува задачата пред да добие упатство, ги чепка сите можни предмети во својата близина, се лула на столот, трча наоколу и прави вишок движења без потреба, задолжително проверете дали е хиперактивно и дали има психолошко нарушување, познато како синдромот АДХД. На ова нарушување може да укаже и тоа доколку вашето малечко постојано ве прекинува додека зборувате, скока од тема во тема додека разговарате или ако лесно се откажува од целите и не го завршува она што го започнало.
„Хиперактивноста кај децата е всушност претерана активност која не е соодветна за ситуацијата. Ова нарушување е доста сериозно и е познато како АДХД (ADHD) или како нарушување со дефицит на вниманието и хиперактивност. Малечките кои го имаат честопати сакаат да им командуваат на другите, иако заостануваат од своите врсници во емотивниот развој“, објаснува Сандра Јовановиќ, психолог, која веќе со години работи со хиперактивни деца.
Весело не е исто како и хиперактивно
Родителите честопати не го разликуваат немирното дете од детето со овој синдром, туку живеат со убедувањето дека тоа е само весело и дека ќе се смири со тек на време. Меѓутоа, суштината е дека ова нарушување не може да помине само од себе, туку бара стручна помош, одредено однесување на родителите и на другите личности од опкружувањето на детето.
„Родителите главно ги донесуваат децата и ги карактеризираат како безобразни, невоспитани, мрзливи и неблагодарни, а на крајот излегува дека всушност имаат АДХД или пак АДД. Тоа е нарушување на вниманието, но без хиперактивноста и децата кои го имаат овој синдром се повлечени, летаргични и живеат во свој свет. Тие не прават проблеми како хиперактивните деца, па затоа нарушувањето кај нив се пронаоѓа со задоцнување, и тоа тогаш кога до израз ќе дојде нивниот неуспех во училиштето“, истакнува Јовановиќ.
Децата со синдромот АДД имаат ниска самодоверба и главно добро им оди во областа на спортот, музиката и уметноста, бидејќи тогаш се фокусираат на она што го сакаат, а ја запоставуваат задолжителната лекција. Од друга страна пак, малечките со синдромот АДХД се во константно движење, имаат краток период на внимание и не можат на ништо да се фокусираат. Помеѓу хиперактивните деца многу повеќе се момчиња отколку девојчиња. Една од причините за тоа лежи во фактот дека татковците се помалку присутни во воспитувањето на децата, а токму тие се посталожени и склони за воведување дисциплина отколку мајката. Недостатокот на дисциплина е погоден терен за создавање хиперактивност.
Како да ги препознаете синдромите АДД и АДХД
Сигурни знаци дека вашето дете има еден од овие два синдроми се:
- Селективно внимание и меморија – одлично се фокусира на она што му е интересно, додека има изразена лоша концентрација кога треба да ги извршува секојдневните, особено училишните обврски.
- Расеаност – лесно го попречуваат какви било надворешни дразби што немаат никаква врска со задачата која моментално ја извршува.
- Импулсивност – реагира без размислување.
- Хиперактивност – само кај децата со синдромот АДХД.
Патот до дијагнозата не е тежок
„Овие синдроми лесно се дијагностицираат. После разговорот со родителите детето поминува низ тестирање и тоа ни покажува дали има дефицит на вниманието или не. Овие нарушувања се лекуваат со различни методи, што ги учат децата како да го подобрат вниманието и способноста за контрола“, истакнува Јовановиќ.
Совет за родителите чии деца имаат вакво нарушување е да ги откријат областите во кои нивното малечко е посебно, да го подржуваат во тие негови таленти и на тој начин да му помогнат да изгради позитивна слика за себе. Не треба да се срамите да побарате стручна помош, невролог и психолог, бидејќи е многу важно да се реагира на време, за да се избегнат сите последици кои може да се појават подоцна.