Кој е подобриот избор за вас, посвојувањето куче или мачка?
Посвојувањето милениче за многу луѓе е еден од најневеројатните моменти во нивните животи. Но ова не е нешто кое би можеле да го направите само од каприц. Носењето животно во вашиот дом е голема одговорност. Бидете сигурни во тоа што се впуштате пред да направите одлука која може негативно да влијае на вашиот и животот на животното. Поради тоа, добро е да прочитате на што треба да внимавате кога ќе посвоите куче или мачка.
Кучиња
Нашите кучешки пријатели доаѓаат во многу форми и големини, но едно нешто е сигурно – тие се најдобриот пријател на човекот. Кучињата се неверојатно лојални и емоционално се поврзуваат со своите сопственици. Иако кучињата разбираат дека луѓето всушност не се кучиња, сепак тие ги гледаат нивните сопственици како членови на нивното семејство. Затоа се радуваат кога ќе ве видат после долгиот работен ден, исто како децата што се радуваат кога ќе ги видат своите родители.
Тие исто така се и неверојатно интелигентни (и покрај некои смешни ситуации во кои запаѓаат). Со време и упорност, може да ги научите да бидат послушни и секако да прават смешни трикови.
Но, како и да е, кучињата се животни кои бараат исклучителна грижа. Тие се навикнуваат на одреден распоред до кој се придржуваат. Секако, ова е само нивен распоред и не мора да се совпаѓа со човечките секојдневни обврски. Ако кучињата научиле дека во точно одредено време мора да излезат надвор, тогаш подобро е да им ја исполните желбата или нема да се воздржат да се олеснат на вашиот тепих.
Кога зборуваме за нередот кој го оставаат околу себе, дали сте виделе куче кое ги брише своите шепи после прошетката на дождот? Секако дека не. Па затоа мора вие да го избришете убаво пред да влезе во вашиот дом и да остави калливи траги насекаде.
И што е најважно, кучињата бараат големо внимание. Тие се емоционално интелигентни, што претставува бонус кога ви е потребен пријател за дружба. Но исто така можат да бидат и претерано досадни или љубопитни, особено во моментите кога сакате да сте сами.
Сумирано, да имате куче е слично како да имате мало дете. Тоа не значи дека е лошо, но дефинитивно треба да знаете што ќе ве очекува ако имате намера да посвоите куче.
Мачки
Многу луѓе мислат дека секоја мачка е иста, но тоа едноставно не е точно. Слично како и кучињата, мачките имаат многу различни видови и раси. Додека секоја раса има свои особини, мачките генерално доаѓаат со слични позитивни и негативни страни на кои треба да внимавате пред да ги посвоите.
За разлика од кучињата, мачките не бараат исклучителна грижа и внимание. Сè додека имаат храна, вода и место за да си ја гледаат својата работа, може да ги оставите сами и по цел ден, па дури и подолго.
Добро негуваните мачки вообичаено се многу приврзани и игриви. Дури и кога нивните канџи излегуваат во текот на играњето, тие нема да ве нападнат, освен во случајот кога ќе почувствуваат опасност. Можеби звучи неверојатно, но едно истражување покажало дека мачките предат за да бидат терапевтски корисни за другите животни околу нив. Можеби тие изгледаат како животни кои сакаат да се сами, но сепак се чини дека на некој начин се грижат за своите сопственици.
Секако, чувањето мачка не е само виножита и бескрајно галење. Иако тие сакаат да си играат, ако почувствуваат опасност, моментално можат да станат агресивни. Ова значи дека вие или вашите деца можете да бидете каснати или изгребани во знак на предупредување.
Исто така мачките постојано се митарат. Без разлика дали се работи за прилагодување на промената на времето или едноставно се ослободуваат од мртвите влакна, мачките очигледно никогаш не престануваат да оставаат купчиња крзно насекаде низ домот.
И секако, тука е кутијата со песок. Ако имате мачка која не излегува надвор, бидете подготвени да ја чистите нивната кутија најмалку секој втор ден, а некогаш и неколкупати дневно. Ако ја занемарувате оваа обврска, вашето крзнено пријателче нема многу да се двоуми и да искористи различна површина за завршување на личните потреби.
Во секој случај, мачките се одличен миленик за тие кои немаат време за кучиња, но сепак сакаат приврзан миленик кој ќе им прави друштво. Само запомнете, кога ќе донесете мачка во вашиот дом, таа ќе стане главна.