Кои се вашите најдобри квалитети?
„Што сакам да постигнам во животот?“ „Кои се моите амбиции?“ „Кој е мојот пат до успехот и среќата?“ Ова се прашања кои секој од нас си ги поставува во некоја точка од животот. Ретки се оние кои ги имаат дефинирано своите соништа уште од деца и успеваат да ги реализираат горе-долу според планираното. Повеќето луѓе се неодлучни и се префрлуваат од една на друга амбиција, обидувајќи се да дојдат до она во кое најмногу ќе се пронајдат себеси.
Се прашувате како да откриете која е вистинската причина за вашето постоење на планетава Земја? Можеби советиве кои следуваат ќе ви помогнат во тоа.
1. Почнете веднаш да работите на себе
Како за почеток, започнете разговор со следната личност која ќе ја сретнете денес и раскажете и за вашиот најдобар период од животот. Тоа не треба да биде скромен муабет, во кој вие ќе ги потценувате вашите квалитети и ќе ги осудувате вашите постапки од минатото, туку треба да говорите за оние денови кога вие вистински сте „блескале“ и сте се чувствувале фантастично.
И покрај тоа што зборувањето убави работи за себеси ги прекршува општествените табуа, истражувањата покажуваат дека препознавањето и правилната употреба на вашите најдобри особини, води кон повеќе моменти на среќа, помалку депресивни чувства и чувство на поголема поврзаност со останатиот дел од светот. Дефинирањето на вашите потенцијали воедно ќе ве направат и поупорни, поиздржливи и понасочени кон остварување на животните цели.
2. Обрнете внимание на она што другите го кажуваат за вас
Добар начин да откриете кои се вашите сили, е да обрнувате внимание на комплиментите кои ги добивате од другите луѓе. Вашите блиски можеби ви велат: „Јас никогаш не би можел/а да бидам толку храбар/храбра како тебе“ или „И се восхитувам на твојата способност за опростување“. Добрите зборови упатени кон вас од страна на искрените луѓе во вашиот живот кои добро ве познаваат, можат да бидат репер за вистинските квалитети во вашиот карактер.
3. Кои нешта се креатори на вашата енергија?
Кои активности го поттикнуваат вашиот ентузијазам? Кои задачи, обврски, задолженија сметате дека не ви создаваат притисок и чувство на замор, туку напротив ви ги „полнат батериите“ и ве прават да се чувствувате задоволно на крајот од денот? Кога еднаш ќе успеете да идентификувате неколку силни страни на вашиот карактер, оние кои вистински ве опишуваат како личност, ќе можете да работите на нивно развивање и да почнете да го живеете животот со вашиот целосен потенцијал.
4. Употребувајте ги вашите сили во разумни количини
Сè што е претерано не може да биде добро. Да се биде амбициозен е одлична работа, но да се биде преамбициозен, најчесто резултира со контра ефект. Така на пример, ако се трудите да бидете премногу креативни, постојано ќе се трудите да смислувате нови брилијантни идеи, без да потрошите доволно време на реализирање на старите, а нема да можете ниту да го процените нивниот ефект врз вашиот (не)успех. Понекогаш помалото вложување на себеси во некоја работа и користењето на вашите најдобри квалитети без да си вршите премногу притисок и контрола врз вашите постапки, може да биде исто толку моќно оружје, како и амбициозното следење на вашиот пат кон успехот. Клучот за среќата, е во имањето баланс во сè.
5. Правилен избор на вашата „најсилна страна“
Можеби имате добра смисла за хумор, брзо ги опростувате грешките на другите или имате способност за забележување детали, но имајте на ум дека вашите најдобри карактеристики можат да бидат и погрешно употребени во зависност од ситуацијата. Кога се соочуваме со некој проблем, пробуваме да ја одбереме најдобрата можна солуција на истиот, потпирајќи се на нашите сопствени сили и инстинкти. Но, форсирањето и напрегањето на нашите најдобри особини да дојдат до израз, може да доведе до донесување погрешен заклучок во врска со изборот на тактиката.
Наместо тоа, кога се соочувате со проблем, запрашајте се која ваша силна карактеристика може навистина да помогне за да дојдете до негово решавање. Оставете самата ситуација да одреди што е потребно да направите за да ви олесни. Во некои случаи, најсоодветните сили кои што треба да ги ставите во акција, всушност не се оние кои ве отсликуваат вас како личност. Во ваквите ситуации, најдобриот клуч за вашата хармонија, можат да бидат советите од други луѓе или вашата желба за соработка со оној со кој имате проблем и обид за омекнување на истиот.
6. Ставете ги вашите слабости на вистинското место
Многу е нормално да сметате дека за да се подобрите себеси како личност, потребно е да ги сведете вашите слабости на минимум, но додека размислувате земете ја предвид следнава метафора: „Едрилицата има само една мала пукнатина и тоа е нејзината мана“. Тоа значи дека е многу важно да обрнувате особено внимание на вашите недостатоци, ако не сакате вашиот брод да потоне. Но дури и ако ја истурите насобраната вода во едрилицата или ја закрпите дупката, вашите постапки нема да го туркаат бродот напред. За таа цел ви се потребни едрата. Фокусирањето на отстранување на вашите слабости може да ви помогне да го спречите неуспехот, но успехот е базиран на енергичноста, волјата и благовременото бирање на моментот за спроведување на вашето најдобро „јас“ во акција.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.