Кои се придобивките од витаминот К за коишто веројатно никогаш не сте чуле?
Сите сме чуле за витамините А, Б, Ц, Д, па дури и Е, но што е со витаминот К? Тој е веројатно еден од најмалку познатите витамини, па затоа многу луѓе не знаат за што служи и дали го добиваат во потребните количини.
Најпрво, витаминот К во природата се јавува во две форми: К1 (филокинон) и К2 (менакинон). К1 е најмногу застапен во зелениот зеленчук, додека, пак, К2 може да се најде во ферментираната храна. Исто така, нашите тела создаваат К2 од цревната флора или бактериите.
Кои се придобивките од витаминот К?
1. Витаминот К синтетизира протеини кои се од големо значење за коагулацијата (згрутчување) на крвта и го сопира крвавењето. Недостатокот на витамин К може да предизвика зголемена појава на модрици или крвавење.
2. Овој витамин соработува со витаминот Д за да го одведат калциумот до коските и да му помогне да се сврзе со нив и да ги направи коските поцврсти. Ниското ниво на витаминот К може до доведе до зголемен ризик од скршеници.
3. Другите придобивки од витаминот К, кои не се целосно научно докажани, вклучуваат заштита од калцификација на артериите и срцевите вентили и намален ризик од Алцхајмерова болест, како и од рак на простатата.
Кои се главните извори на витаминот К?
Препорачаната дневна доза од овој витамин е различна во зависност од возраста, полот и тежината. Меѓутоа, за возрасни се препорачува 0,0001 милиграми витамин К за секој килограм од телесната тежина. Следуваат главните извори на овој витамин:
1. Билки како босилек, жалфија, мајчина душица, магдонос, коријандер, мајоран и млад лук.
2. Зелен зеленчук како спанаќ, марула, синапов зеленчук…
3. Зеленчуци како млад кромид, црвена зелка, рукола и целер.
4. Зеленчуци од семејството „Brassica oleracea“ како брокула, зелка, кинеска зелка, кељ и карфиол.
5. Лути зачини како црвена, лута пиперка, црвен пипер, чили и кари.
6. Други извори се: Аспарагус, анасон, праз, бамја, кисели краставички, соја, маслиново масло и сушено овошје.
Консултирајте се со доктор пред да одлучите да земете додатоци на витаминот К бидејќи прекумерната употреба може да предизвика негативни последици и да го попречи дејството на некои лекови. Потребното количество на витамин К во вашето тело најдобро ќе го добиете преку здрава и урамнотежена исхрана.