Кои се предностите на секојдневните прошетки?
Прошетките се генерално добар вид физичка активност кој не мораме секојдневно да го исполнуваме со намера. Можеме да се прошетаме и кога одиме до продавница, до автобуската станица, да го прошетаме миленичето или да излеземе со пријателите и сето тоа има добро влијание врз нашиот организам и нашето тело. Меѓутоа, подолгите прошетки имаат неверојатни здравствени предности.
На пример, кратките прошетки од 30-45 минути може да ја спречат појавата на Алцхајмеровата болест во подоцнежните години, да го подобрат тонусот на мускулите, да го спречат добивањето глауком, да го подобрат здравјето на белите дробови и многу други здравствени работи. Во продолжение прочитајте подетално за овие предности на прошетките и трудете се што повеќе да пешачите.
1. Го намалуваат ризикот од Алцхајмерова болест
Прошетката е добра за умот и менталното здравје воопшто. Според последните истражувања на Универзитетот во Вирџинија, мажите помеѓу 71 и 93 години, кои оделе повеќе од половина километар дневно имале значително помала зачестеност на деменција и Алцхајмерова болест.
2. Ги зацврстуваат мускулите
Познато е дека со вежбањето се оформуваат мускулите, а ова има посебно значење кога е во прашање прошетката. За време на одењето се зајакнуваат мускулите на нозете, задникот и стомакот. Доколку внимавате и на својот став и начинот на кој пешачите, ќе можете да ги зацврстите и стомачните мускули и половината.
3. Го подобруваат здравјето на срцето и го намалуваат крвниот притисок
Секој којшто имал срцеви проблеми најпрвин треба да се посоветува со доктор. Меѓутоа, прошетката може многу да помогне во подобрувањето на здравјето на срцето и има позитивен ефект врз притисокот.
4. Го подобруваат здравјето на дебелото црево
Според некои експерти, прошетката може да го намали ризикот од добивање на рак на дебелото црево дури до 31% кај жените. Секојдневните прошетки во времетраење од 10-15 минути помагаат во правилното функционирање на целиот дигестивен систем бидејќи вежбите се особено важни за варењето на храната во цревата.
5. Го подобруваат расположението
Ако се чувствувате лошо и депресивно, решението за проблемот можете да го најдете во прошетката. Според едно истражување, луѓето кои пешачат помеѓу 30 и 40 минути секојдневно, 5 пати во неделата имаат подобро расположение и намалени депресивни мисли.
6. Го победуваат глаукомот
За оние кои имаат ризик од глауком или висок очен притисок, прошетката е препорачана помош за ослободувањето од притисокот во очите. Истражувањата покажуваат дека умереното вежбање, како трчањето и прошетките минимум 3 пати неделно, може да го намали очниот притисок.
Покрај сите овие наведени придобивки на прошетките, секојдневните излегувања исто така можат да ви помогнат во слабеењето, зацврстувањето на коските, намалувањето на ризикот од дијабетес и подобрувањето на здравјето на белите дробови. Затоа се препорачува што почесто да шетате за да си обезбедите здрав и квалитетен живот.