Кои се најчестите новогодишни желби?
Многумина почетокот на новата календарска година ја доживуваат како време за нов почеток. За ветувањата коишто не сме ги исполниле изминатата година, го даваме нашиот збор дека ќе ги оствариме од 1 јануари. Погледнете ја листата со најчестите новогодишни желби.
Да поминувам повеќе време со семејството
Празниците за многумина се ретка прилика да проведат неколку дена во континуитет со своето семејство. За тоа време, сфаќаме колку тоа ни значи и си ветуваме на себе дека следната година ќе им ја посветиме на членовите на семејството, ќе поминуваме поквалитетно време со децата или родителите. Меѓутоа, не е тајна дека оваа одлука ќе ја ставите на последното место, кога празниците ќе поминат и кога ќе им се вратите на редовните обврски кои ви го окупираат времето.
Да ослабам
Оној кој е решен да ослаби, почнува да ја остварува таа цел кога било, не се врзува со некој датум, случување, летен одмор, понеделник…
Да престанам да пушам
За оваа одлука на нас луѓето, ни треба конкретен датум, затоа што сакаме да знаеме кога точно сме ја запалиле својата последна цигара. „Тоа беше кога ми се роди првиот син“ или „Последен пат запалив кога имаше Европско првенство во кошарка“. Доколку навистина сте решиле да го оставите пушењето на 1 јануари, пазете да не се предозирате со никотин на 31 декември 2013 година.
Да престанам да пијам
Многумина после првото сериозно пијанство изјавиле „Нема да се напијам ни капка повеќе“. Меѓутоа тоа не се покажало како вистина. Затоа сега е идеално време да се присетите на сите ситуации кога сте го прекршиле тоа ветување и колку лошо сте се чувствувале секојпат сте претерале со алкохолот.
Да ги вратам сите долгови
Доколку навистина сакате да го исполните ова ветување, најпрво пресметајте колку пари сте должни и колку е потребно да издвојувате месечно, за да се ослободите од овој товар. Тоа значи дека морате да си ветите себеси дека сигурно и дефинитивно ќе се сетите на оваа одлука, кога ќе видите примамлива облека по модните излози.
Да совладам некоја нова вештина
Доколку одамна сакате да научите некој странски јазик, да свирите инструмент или да научите некоја боречка вештина, сега е време да започнете со тоа. Проверете ја вашата истрајност со овие мали и едноставни одлуки. Доколку на пример, ви успее да научите нов јазик во 2014 година, тогаш во 2015 навистина пробајте да се откажете од цигарите или алкохолот. Инаку, некои истражувања имаат покажано дека поголемиот број од луѓето сакаат да научат да свират на гитара.
Да почнам да штедам
Доколку сакате оваа одлука да ви појде од рака, најверојатно е паметно прво да одлучите за која намена ви требаат парите и колку. На тој начин ќе ја зголемите мотивацијата. Ако навистина сакате да заштедите пари за нешто што ви е битно, започнете веднаш.
Подобро да се организирам
Колку пати во текот на 2013 година ви се случило да ги затворите клучевите во автомобилот, да го изгубите телефонот или да изумите да ги платите сметките на време? На колку мејлови не стигнавте да одговорите, колку луѓе откачивте поради работата, а баш имавте желба да ги видите? Бавењето со некој спорт, правилното спиење и здравата исхрана можат да ви помогнат да го пронајдете вашиот внатрешен баланс и да го „вклучите“ копчето за организирање.
Да читам повеќе
Книги, не магазини и веб-сајтови! Книгата има сопствена магија, која не може да се спореди со ништо друго. За да го исполните ова ветување, определете си колку страници дневно сигурно ќе можете да прочитате. Немојте да читате поред вклучениот компјутер, телевизор или со телефонот крај вас, бидејќи тогаш сигурно ќе ја фрлите книгата после прочитани три реченици.
Да патувам повеќе
Оваа одлука за жал не зависи само од нашата желба, туку и од финансиските средства. Како и да е, доколку немате доволно буџет за да појдете на далечни патувања, обиколете ја нашата земја или барем градот во којшто живеете. Искористете го секој слободен викенд за да шмугнете некаде, низ парк, на планина, крај река/езеро… Движењето во природа особено ќе ви помогне доколку сакате да ослабете или да ги оставите цигарите. Доколку на патувањата понесете со себе и некоја книга или тргнете во друштво на вашето семејство, тогаш ќе убиете неколку муви со еден удар. Но, имајте на ум, во тој случај, отпаѓа одлуката за штедење.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.