Кога и како се става кошулата во панталоните?
Ставањето на кошулата во панталоните може да изгледа како нешто за кое нема потреба да се зборува затоа што сите постојано го правиме и многу е едноставно, но ако сакате секогаш да изгледате убаво и средено и тоа да го направите на вистинскиот начин послушајте ги советите на стилистот Антонио Сентено.
Што се става во панталоните, а што не?
Сентено дава неколку насоки во поглед на тоа кога треба кошулата да се стави во панталоните. Кошулите можат на долната страна да имаат рамен или нерамен раб, а тоа ви кажува дали треба да се стават во панталоните. Оние со рамен раб се носат одозгора. Тие не се ставаат во панталоните. Оние со нерамен раб се ставаат. И нив можете да ги носите пуштени врз панталоните, тоа не е грешка, но ви дава помладешки и бунтовен изглед. Ставањето на ваква кошула во панталоните ќе направи да изгледате посредено и позрело.
Што друго може да се стави во панталоните, а што не?
- Поло маиците имаат рамен раб и затоа се носат надвор од панталоните. Може да ги ставите и внатре за посериозен изглед.
- Маичките со V израз се носат врз панталоните, а кога ги носите со сако (блејзер) можете да ги ставите и внатре.
- Шарените кошули со силни бои кои се наменети за на плажа никогаш не се ставаат во панталоните.
- Обичните маички не треба да се носат пикнати во панталоните, освен ако со тоа не сакате да изразите некој моден став, но и тогаш многу работи зависат од изгледот на маичката, каишот и панталоните.
Кој е правилниот начин да се стави кошулата во панталоните?
Најважното што мора да го запомните при ставањето на кошулата во панталоните е линијата по која се поставени копчињата на кошулата да оди по линијата по која оди и патентот на панталоните. Ако внимавате на тоа, ќе бидете чекор поблиску до посакуваниот изглед. Потоа треба да се погрижите таа да не биде стуткана, туку да паѓа рамномерно надолу, и да нема вишок кај стомакот. Доколку кошулата ви е точна нема да имате голем проблем да ја наместите како што треба. Постојат повеќе начини да го сторите тоа.
Метод бр. 1
Кога ќе ја ставите кошулата во панталоните веднаш над половината кај стомакот ви останува малку вишок од кошулата. Потребно е да се решите од него за да изгледате убаво. Тоа ќе го постигнете така што тој дел ќе го превиткате од страните и ќе го пикнете меѓу кошулата и панталоните. Ако панталоните ви се точни и не ви се лабави, тој дел ќе остане таму.
Метод бр. 2
Вториот метод е многу сличен со првиот. Разликата меѓу нив е во тоа што овде не ги закопчувате панталоните пред да го свиткате вишокот со прстите. Прво ќе го наместите каде што му е местото, па потоа ги закопчувате панталоните и го стегнувате каишот.
Метод бр. 3
Третиот метод е битен доколку носите маица под кошулата. Во таков случај многу е битно маицата да ја ставите во долната облека. Доколку е врз неа, додека се движите таа ќе излезе надвор, а со себе ќе ја повлече и кошулата. Значи, одоздола е маицата, па долната облека, кошулата, па панталоните.
Метод бр. 4
На крај, доколку не ви пречат можете да употребите и посебни трегери со кои кошулата ќе ја закачите за чорапите и таа нема никаде да мрда.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.