Кога е најтемно, пронајдете ја светлината во вас

Кога е најтемно, пронајдете ја светлината во вас

И не е важно дали ви течат солзи или ви доаѓаат идеи за беспомошност и немање смисла на она што го работите или на она што сте го изградиле досега. Мракот што доаѓа и ве гуши е само илузија. Би било многу добро доколку тоа го сфатите колку што е можно побрзо. Направете сè што е можно да излезете од таа енергетска кал во која што сте се заглавиле и да ја пронајдете леснотијата на постоењето. А изборот треба да ви биде чиста љубов без оглед на ситуацијата во која се наоѓате привремено.

(1) Кога е најтемно, пронајдете ја светлината во вас

Тешко ви е? И тоа го користите како изговор да го уништувате својот живот и да не ги согледувате убавините околу себе? Нешто не е по ваша волја и веднаш изговарате зборови создадени од бес, кои без цензура излегуваат од вашата уста? Онаа истата низ која знаат да излезат и зборови за благодарност, која знае да бакнува и да изразува љубов и топлина?

Кое е тоа слепило на умот што сте дозволиле да завладее со вас и кое ве тера толку лесно да се предадете? Како ли го рационализирате бесот што генерирал деструктивно однесување во вас, со кое се уништувате себеси, но и другите, оние кои најмногу ги сакате? Како успеавте да се уверите дека агресијата е решение или уште полошо, дека нема решение и на тој начин бесот станал стил на вашиот живот?

Но, не заборавајте. Што и да ви се случило сè уште сте живи! Најпрвин обидете се да се заблагодарите за тоа. Имате шанса да се запознаете себеси, а ве мрзи да го започнете тој прекрасен процес. Тешко ви е да си кажете „Доста е“ со саботирање и со самосожалување? Ви се допаѓа што и вашата најблиска околина се чувствува исто така лошо како и вас, поради вашето деструктивно однесување? Само заради вашите фрустрации? Одеднаш сите треба да ве разберат вас и да се прилагодуваат на вашите барања.

Но, сте се прашале ли, до кога и до каде ќе одите со таквото однесување? Можеби токму сега е моментот да се освестите и да станете многу посилни. Отфрлете ги одбранбените изрази на лицето и оклопот зад кој се криете и тргнете се од она што ве вовлекува во длабок мрак. Што чекате? Мислите дека постој некои кој може да го направи тоа место вас? Кој може да ги смени вашите мисли и вашите животни навики? Кој може да ви создаде светла иднина во вашата глава? Наместо да седите и да се жалите, соберете сила и направете нешто корисно, како за себе, така и за околината, затоа што знаете дека можете.

Не ги користете менталните, физичките и емоционалните состојби како изговор и нешто зад што можете да се скриете. Не плашете се повеќе да излезете од вашиот оклоп затоа што мислите дека не сте доволно добри. Време е можеби да создадете нови пријателства и семејство. Најпрвин во својата глава, а потоа секојдневно избирајте ја светлата страна од животот – секогаш кога ќе наиде мрак.

Животот ви е подарен да го живеете со благодарност. Дигнете ја главата високо, развлечете насмевка на лицето, исправете се и направете нешто за себе. За почеток престанете самите да си поставувате пречки на патот. Да, едноставно е како што звучи, само треба да изберете, од вас зависи.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Книжевник, новинар, сонувач... Го обожува утринското кафе без шеќер. Верува дека убавите нешта се кријат во мали и едноставни пакувања.

Поврзани содржини

Остави коментар