Кога би можеле да направите што било, што би направиле?
Џит Банерџи е млад бизнисмен, кој за првпат добил идеја за свој бизнис кога имал само 9 години. Набљудувајќи го однесувањето на луѓето, тој отсекогаш размислувал за тоа што ги тера одредени личности да ги следат своите соништа, додека други остануваат пасивни. Во еден од јавните говори на TED, Банерџи зборува за страста и стремежот кон успех и зошто некогаш самите одбиваме да не ги достигнеме нив, што е тоа што нè запира.
Говорот го започнува кажувајќи дека на 9-годишна возраст имал две големи пасии: играњето кошарка и сурфањето на интернет. Така, одлучил летниот одмор да го мине креирајќи веб страна за неговиот омилен спорт. Токму тоа и го сторил. Но, неговата веб страна имала само три посетители: самиот тој, неговата мајка и неговиот татко.
На 13 години уживал да го минува времето играјќи разни игри на интернет. Така дошол до идеја за сопствена видеоигра. Како заштеда имал 48 долари и 22 центи, што не биле доволно средства за создавање на видеоигра. Така тој повторно, го одложил остварувањето на својот сон.
На 17-годишна возраст инспирацијата повторно се појавила. Одлучил да основа своја компанија за веб-дизајн. Првата недела, обидувајќи се да придобие клиенти, праќал мејлови, контактирал со потенцијални клиенти и поставувал реклами на интернет. Но повторно завршил разочаран и со наполу скршени надежи.
Денес, како успешен бизнисмен и автор, има прекрасна можност јавно да говори на разни конференции и да го споделува своето искуство. Но, низ целиот процес на пробивање и целење кон своите соништа, една работа никако не му се разјаснила: што ги спречува луѓето да ги следат своите соништа? И кога е вистинското време за исполнување на големата животна цел?
Еве што сторил за да го добие одговорот:
„Решив да составам две групи: едната ја сочинуваа луѓе над 25-годишна возраст, а другата под 25. Им поставив 3 прашања. Прво, кога би можеле да сторите што било, што би направиле? Постарите од 25 години ми дадоа најразлични одговори. Некои, исто како мене, сакаа да основаат свои бизниси, други сакаа да го пропатуваат светот. Па морав да знам, дали го правите тоа? Сите едногласно ми одговорија „не“. Па ги прашав зошто? Главно, своите одговори ги групираа во три категории: првата, дека немаат време. Со обврските на работа и семејството, тие немаат доволно време за своите соништа. Втората причина е дека немаат доволно пари. Нивните соништа бараат финансиски средства кои не можат да си ги дозволат. И третата причина е бидејќи мислат дека се стари. Чувствуваат дека нивните животи се веќе дефинирани и не сакаат да ризикуваат почнувајќи нешто сосема ново.
Потоа истите прашања им ги поставив на помладите од 25 години. Најпрво ги прашав, кога би можеле да сторите што било, што би направиле? Некои, исто како и овие постарите, сакаа да го пропатуваат светот, други да започнат кариера како актери, или да пишуваат приказни за деца. Потоа ги прашав дали го прават тоа. Сите едногласно одговорија „не“. Па ги прашав зошто не? И тие ми дадоа три одговори. Прво, рекоа дека немаат време. Со обврските на училиште, активностите после училиште и домашните задачи, не им останува време. Второ, кажаа дека немаат пари. Немаат ништо заштедено, а нивните родители не би ги финансирале. Како трето, кажаа дека се премногу млади.“
Ако оние над 25 чувствуваат дека се стари за голема промена, а оние под 25 се многу млади и неискусни, тогаш кога е вистинското време за победување на големиот предизвик? Дали магичниот број е 25?
Секој се соочува со овие три големи предизвици. Но секој кој ќе се потруди да изнајде начин, некогаш дури и екстремен, ќе ги оствари своите соништа.
На крај ви поставуваме три прашања. Кога би можеле да сторите што било, што би сториле? Дали го правите тоа? Зошто не?
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.