Кинезите советуваат: Тао диета и правила на исхрана за витко тело полно со енергија
Како што телото се менува, така се менуваат и неговите потреби, па токму затоа е важно да го слушате вашиот организам и да му го овозможувате тоа што навистина му е потребно. Тао диетата не се смета за вистинска диета, туку за оригинален пристап на исхраната кој не вклучува фрустрации. Потрагата за здравјето не мора да го исклучува задоволството, па благодарение на овие правила вие ќе бидете поздрави, подобро ќе се чувствувате, ќе ја балансирате вашата исхрана и ќе ја поправите вашата силуета – сè за само неколку недели. Па, ајде, што чекате? Почнете уште денес!
1. Ставете го зеленчукот на средината од чинијата
Според Таоизмот, растенијата ја пренесуваат енергијата на природата. Сите видови зеленчуци треба да бидат во центарот на вашата чинија, како и да доминираат во однос на останатиот вид храна. Исто така најдобро е доколку јадете зеленчук од поднебјето каде што живеете. Што се однесува до овошјето, консумирајте го два дневно, одвоено од оброкот.
2. Избегнувајте храна која е тешка за варење
Кинезите се држат настрана од млечните производи, шеќерите, масното месо, како и сите други видови маснотии. Овие нешта се тешки за варење, ја отежнуваат работата во организмот и задржуваат течности во вас.
3. Постои посебен начин на сечење и готвење
Тие не препорачуваат консумирање сирова храна. Исто така, храната која ја јадете треба да биде исечкана на мали залчиња, додека зеленчукот се пржи на силен оган со многу малку масло. На овој начин храната е преполна со витамини, но и брзо се вари. Другата опција е да готвите на пареа.
4. Храната не треба да биде ни премногу топла, но ни премногу ладна
Храната која има многу повисока или пониска температура од телесната, како што се ладните пијалаци, сладоледи и врелата супа, можат да бидат многу лоши за вашиот организам. Идеалната температура која треба да ја има вашата храна е собната.
5. Пијте на вистински начин
Консумирајте повеќе од 1 литар течности дневно. На тој начин ќе ги снабдите сите ткива со потребната количина вода. Исто така, не треба да пиете за време на оброкот или веднаш по него, бидејќи така ја разредувате киселината во желудникот и му пречите на варењето. Кинезите за добри пијалаци ги сметаат билните чаеви, особено зелениот чај, како и обичната вода. Чајот треба да биде на температура од 70 степени, никако повеќе и треба да заборавите на кафето, газираните пијалаци и вештачките сокови.
6. Правилно џвакање на храната
Варењето започнува уште во устата, благодарение на ензимите од плунката. Секој залак би требало да се соџвака 15 до 20 пати, а тоа е сосема доволно за да го намалите внесувањето на храната и со тек на време да изгубите неколку килограми.
7. Заборавете на нездравата храна
Доколку постојано нешто грицкате, дигестивниот тракт никогаш не мирува. Кога тој постојано работи, не забрзува, туку напротив, забавува. Тоа доведува до насобирање несакани килограми, чувство на надуеност и нарушување во варењето. Токму затоа помеѓу два оброка или ужини треба да поминат барем 5 до 6 часа. Исто така, вечерниот оброк треба да биде лесен, а доколку имате напад на глад, најдобро е да испиете билен чај.
8. Јадете помалку
Целта на Тао диетата е да не го вознемирувате вашиот стомак. Наполнете само 75% од неговиот капацитет – половина со цврста храна, четвртина со течности и последната четвртина нека остане празна. Треба да јадете во тишина, како и да бидете целосно свесни за тоа што го јадете.