Кажете му „да“ на сегашниот миг

Кажете му „да“ на сегашниот миг

Современиот начин на живеење е исполнет со стрес поради брзиот начин на живот, финансиската несигурност и воопшто, поради неизвесната иднина. За жал, постои одреден јаз помеѓу она што од нас го бараат околностите во кои живееме и она што го налага човечката природа, па оттука не е изненадување тоа што луѓето бараат начин како да се справат со стресот.

Според психологот Мелани Гринберг еден од начините за тоа да се постигне, е да се забави со темпото на живеење така што грижите за минатото и иднината ќе се заменат со повеќе внимание на сегашноста. Еве кои начини ни ги предлага таа за постигнување на оваа цел.

Кажете му „да“ на сегашниот миг

Фокус на она што се случува со сегашниот миг Размислувањето за непријатните моменти од минатото всушност претставува нивно враќање во сегашноста, при што одново се поминува низ истото горчливо искуство. Тоа ќе ве натера на иднината да гледате со песимизам и ќе ве исполни со стрес. Поштедете се од таквото гледиште затоа што никој не може да ја предвиди иднината и наместо тоа сконцентрирајте се само на она што се случува овде и сега.

Целосна присутност – Бидете свесни за она што го искусувате во сегашноста. Што гледате, слушате или мирисате сега? Како се чувствувате поради тоа?

Отвореност за нови искуства – Дозволете си да бидете љубопитни. Наместо да мислите дека нема да успеете поради лошите искуства, прифатете ги новите предизвици од сегашноста и љубопитно почекајте да видите какво искуство ќе ви донесат овој пат.

Не судете – Начинот на кој ги прифаќаме новите нешта зависи од чувствата кои сакаат да нè заштитат од нешто или да нè тераат да дејствуваме кон нешто. Потрудете се да ги прифатите работите со отворен ум без да судите.

Прифаќање на работите такви какви што се – Немојте да се залажувате дека реалноста е или треба да биде онаква како што вам ви одговара. Така ќе завршите со чувство дека сте жртва и ќе се жалите дека животот не бил фер кон вас. Согледајте ја реалноста и станете свесни за неа, имајќи предвид дека можете да се приспособите и да ја толерирате или да се борите за да промените нешто. На тој начин ќе го прифатите и фактот дека и другите најдобро знаат што е добро за нив.

Свесност за поврзаноста со природата Околината не е нешто од кое треба да се браниме. Ние сме дел од неа и оттаму добиваме нешта кои ни се потребни: храна, убавини, можности… Сите живи ентитети во природата сакаат да бидат задоволни и според тоа не сме сами во справувањето со стресот и проблемите во бесконечната потрага по задоволство.

Без приврзување – Не приврзувајте се премногу за луѓе, предмети или искуства, затоа што во современиот начин на живот тешко дека ќе успеете да ги зачувате сите нешта што сте ги сакале и уште ги сакате. Останете независни од нив, затоа што преголемата приврзаност кон нештата извира од стравот и претставува основа за страдање. Сè тече, сè се менува. Една врата се затвора, друга се отвора.

Останете смирени – Животот си има свои подеми и падови. Во која било етапа да се наоѓате, знајте дека таа ќе заврши. Кога минувате низ лош период, останете присебни и доследни на вашите вредности и ставови и мирно продолжете кон остварување на вашите цели.

Сочувство – Третирајте се и себеси и другите луѓе со љубезност и сочувство. Наместо да осудувате, бидете отворени за туѓите проблеми, обидете се да ги разберете и не колебајте се да сочувствувате. Сочувството е една од основните човечки потреби која се остварува преку врските со другите. На тој начин брзо ќе сфатите дека не сте сами во калта од проблеми.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

Остави коментар