Карма

Карма

Нема човек кој никогаш не згрешил, кој не направил или не помислил нешто лошо. Да се правиме дека сме безгрешни не е во ред, некогаш и самата лоша помисла е грев, ама ние сме обични луѓе кои не секогаш можат да ги избегнат лошите мисли и одлуки. Сигурно сте чуле дека доброто со добро се враќа, а лошото со лошо, дека сè се враќа и сè се плаќа. Но, дали вреди да си ја расипете сегашноста, а воедно и иднината плашејќи се од моментот кога ќе треба да платите за направеното?КармаДали постои мерило за големината на некое добро или лошо дело? Дали сè без исклучок се враќа сразмерно со направеното дело? Дали постои карма?

Од религиски аспект, кармата влече корени од хиндуизмот и будизмот и се објаснува како збир од причинско-последични акции кои во целост го одредуваат сегашниот и идниот момент. Некои религии стојат зад теоријата дека некој Бог или водич ја игра главната улога и одлучува како кармата ќе се движи, додека други тврдат дека самата личност ја предизвикува својата карма. Можеби сте чуле и за одредени објаснувања за поврзаноста на кармата со реинкарнацијата, односно повторното раѓање на духот кој би живеел во друго тело. Па така, според тие објаснувања, реинкарнацијата ќе се повторува сè додека духот не плати за лошото дело кое го направил. Други пак, тврдат дека кармата се пренесува од генерација на генерација.

Во модерниот свет често слушаме за поимот карма, настрана од нејзината поврзаност со различни религии, кармата често знае да стане тема на муабет меѓу луѓето. На некои самиот поим им звучи страшно па го одбегнуваат, други цврсто се уверени дека постои, а трети си ја објаснуваат како движечка сила во универзумот, лоша или добра енергија која ја испраќаме и која ни се враќа. Секој си има право да верува во што сака и на свој начин да ги разбира и објаснува појавите околу себе. За некои и самата помисла дека сториле нешто лошо и исчекувањето на кармата е доволна казна. Но, не можам а да не помислам зошто би требало да си ја уништиме сегашноста плашејќи се од тоа што би можело да нè снајде? Не вреди да се саботираме самите себе прашувајќи се дали го заслужуваме она што го имаме и дали сè е праведно. На крајот на краиштата, ако толку ве плаши помислата дека лошото би ви се вратило, помислете на сè добро што сте направиле. Кога веќе верувате во лоша карма, верувајте дека постои и добра.

Некои не би сакале воопшто ни да помислат на кармата, верувајќи дека таа мора да биде поврзана со нешто лошо и мрачно, но други веруваат во тие причинско-последични состојби. Без разлика колку сте навлезени во оваа тема и колку се интересирате за неа, моето лично мислење е дека не може сè да биде праведно. Животот напати не е фер и не постои тој совршен баланс каде е изедначено секое добро или лошо што сте го направиле со секое добро или лошо кое ќе ви се врати. Всушност, кои сме ние да процениме колку било добро делото кое сме го направиле? Како што вели татко ми: „Не секогаш доброто дело ќе ви се врати со добрина, но самото чувство дека некому сте помогнале е награда за вас.“

До следното читање,

Вашата Ели.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар