Каков е работниот карактер на вашите колеги?

Каков е работниот карактер на вашите колеги?

Според голем број психолози, постојат многу теории за поделбата на различни видови личности. Но, од сите досегашни модели, најпознатиот е „Тип А и Тип Б личности“ според Ендру Голдсмит. Оваа поделба се базира според нивото на анксиозност и стрес со кои се сретнуваат вработените луѓе.Каков е работниот карактер на вашите колеги?

Личностите од тип А генерално живеат со повисоко ниво на стрес, бидејќи:

  • Тие уживаат да ги остваруваат своите цели, уште повеќе ако тие се потешки. Поради тоа постојано работат за да го достигнат она што си го замислиле.
  • Тие имаат потешкотии со прекинување, дури и откако ќе ги завршат своите цели.
  • Тие го чувствуваат притисокот на времето, постојано работејќи „под полн гас.“
  • Тие сакаат да се натпреваруваат, и ако можат дури и самите ќе создадат натпревар.
  • Тие мразат неуспех и подготвени се многу да работат за да го избегнат.
  • Тие најчесто се во добра форма и добро образовани (како последица од нивната анксиозност).

Личностите од тип Б генерално живеат со пониско ниво на стрес и најчесто:

  • Тие работат полека, уживајќи во нивните постигнувања, но не се под стрес кога нема да ги постигнат своите цели.
  • Кога тие ќе се соочат со натпревар, учествуваат сè додека уживаат во играта и не им пречи ако се откажат или изгубат.
  • Тие често се креативни и уживаат во истражувањето на нови идеи и концепти.
  • Тие често се склони кон многу размислување како за надворешните, така и за внатрешните светови.

Сфаќањето на работниот карактер на одредена личност може да ви помогне да го најдете најдобриот начин за соработување со него/неа. Кога станува збор за личности од типот Б, секој од нас лесно би можел да воспостави добра комуникација и брзо да ја заврши работата со нив. Но, ако вашиот колега припаѓа на групата од тип А, кои постојано работат со максимална брзина и се инспирирани да постигнуваат огромни цели, тогаш единствениот начин да се справите со нив, е да ги почитувате наредниве неколку правила:

Работите со нив, не против нив – Секој и сешто е предизвик и натпревар за овие личности и тие ќе направат сè за да ги срушат бариерите кои им го попречуваат нивниот пат. Поради тоа погрижете се да ги убедите дека припаѓате на нивниот тим, не на спротивниот.

Завршувајте ги задачите или целите како да нема утре – Овие личности имаат нереално чувство за итност и поради тоа не сакаат да губат време. Тие постојано се „тркаат“ за што побрзо да го завршат тоа што го наумиле. Обидете се сите ваши задачи да ги завршувате точно на време или уште подобро, предвреме.

Мултитаскинг – Мора да бидете подготвени без грешка да завршувате повеќе неповрзани задачи или цели. Бидејќи тие имаат преголеми планови од сите области, не знаат како да се сконцентрираат само на една работа. Мора да научите да ги следите во секој чекор.

Никогаш не доцнете – Со доцнењето им давате до знаење дека не сте доволно вредни за нивното време и поради тоа може целосно да ве отфрлат од своите планови.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар