Како во овој хаотичен свет, токму ТИ да бидеш промената што му е потребна?
Суровата вистина е дека, колку повеќе растеш и созреваш, толку повеќе сфаќаш дека светов во којшто живееме, понекогаш знае да биде навистина мрачен. Срцето ќе ти биде скршено многупати и ќе се соочиш со многу одбивања, разочарувања и безброј збогувања во животот. Не можеш и не треба постојано да ги молиш другите луѓе да останат дел од твојот живот и колку и да звучи како клише, ти мораш да си бидеш твој сопствен херој, за да се спасиш себеси.
Само ти и никој друг си единствената личност што ќе мора да ги собира скршените парчиња од твојата душа од подот и само ти ќе мораш да изнајдеш начин да стануваш секое утро од постелата, после непроспиените ноќи, поминати во агонија. На моменти, овој свет ќе изгледа како да се обидува да те скрши, да те собори, да те раскине… Во овие тешки периоди, никогаш не заборавај дека не е сè така црно, и и покрај тоа што можеби во моментот не можеш да ја видиш, сепак ИМА светлина на крајот од тунелот и мораш да продолжиш да веруваш во неа и да ја пречекаш со задоволство кога ќе реши да те осветли.
Знаеш, секојпат кога овој свет ќе се обиде да те собори, не ги слушај оние коишто ти велат да издржиш и да бидеш цврст. Нема потреба да ја ублажуваме реалноста на нештата и да си велиме дека наскоро сè ќе биде подобро, бидејќи вистината е дека не знаеме кога ќе стане подобро. Ни јас ни ти не знаеме кој е рецептот за успех на сите полиња во животот, но знам дека јас работам на тоа, секој ден, малку по малку, бебешки чекор по бебешки чекор и се надевам дека еден ден, сончев или дождлив, успехот, кармата и универзумот ќе го најдат патот до моето срце.
Можеби товарот којшто го носиш сега на плеќите ќе биде тука уште утре, до следната седмица или до следната година или пет. Но, исто така можеби од утре, поради сплет на околности, ти ќе станеш најсреќната личност на планетава. Што и да ти понуди овој свет, биди личност којашто никогаш нема да се плаши од љубовта.
Биди личноста којашто ќе љуби најсилно од сите, којашто ќе испрати убава, искрена порака и која редовно ќе прашува „Како си?“ и навистина ќе ја интересира одговорот што ќе го добие назад, без разлика дали тој ќе биде позитивен или негативен.
Биди личност којашто ќе биде смела да побара помош од другите, без да чувствува грижа дека можеби ќе биде окарактеризирана како „голем емотивец, на којшто секогаш му е потребна поддршка од светот околу него“.
Биди личност којашто признава кога некој ѝ недостига. Биди личност којашто секогаш се грижи за другите луѓе.
Биди личноста којашто не се срами да ја покаже својата ранливост и којашто знае дека понекогаш е во ред дел од тежината што ја носиш во себе да ја споделиш со блиските.
Биди личноста којашто никогаш нема да се плаши да биде скршена, којашто признава и ја прифаќа реалноста дека одвреме-навреме ѝ е потребно малку време за себе, бидејќи тоа е сосема во ред, нормално и човечки.
Биди личност којашто е доволно храбра да ги почувствува сите можни емоции што постојат и да прифати дека тие само те прават уште поголем човек.
Биди онаа личност којашто ретко ја среќаваме во денешно време, којашто не ги суди ниту своите ниту туѓите емоции, не озборува и не им посакува лошо на своите пријатели или непријатели. Живеј за себе и за она што си ти. Се прашуваш зошто? Зошто да бидеш добар, кога светот околу тебе е лош? Одговорот е прост и одамна познат: Биди добар, за добро да ти се враќа. Гледај го најдоброто во луѓето, дури и кога не ти оставаат многу простор за тоа.
Биди спиритуалниот, буден ум кој ќе ги цени најмалите нешта, како мирисот на цвеќињата напролет, силното летно сонце, допирот на дождот наесен, крцкањето на снегот под стапалата во зима.
Биди личност којашто е доволно храбра да почувствува сè и да биде добра, дури и кога животот не те третира баш најнежно, затоа што знаеш дека утре пак ќе има нов ден, Сонцето одново ќе изгрее, а тоа значи нови можности за промена.
Биди човек којшто секогаш ги љуби другите со целото свое срце, а истовремено ги остава да дишат слободно. Биди личноста којашто безусловно ги сака другите луѓе, без да чувствуваш опсесија дека тие се твоја „сопственост“. Запомни дека ова е единствениот искрен, вистинит начин да љубиш некого!
Биди личност којашто ги љуби другите луѓе, но не ги моли да останат дел од нејзиниот живот, доколку тие не сакаат. Биди личност којашто секогаш ги остава луѓето да чекорат по својот пат и сами да ги прават сопствените избори, најдобро што знаат и умеат. Подај им рака ако им е потребно тоа, но не ги критикувај, не се наметнувај себеси и дефинитивно немој да им судиш… Зошто? Бидејќи немаш поим како е да се живее во нивната кожа! Си знаеш само за себеси и за никој друг.
Биди човек којшто верува дека силната љубов којашто им ја даруваш на другите луѓе, еден ден ќе ти се врати назад. Верувај дека луѓето коишто треба да бидат дел од твојот живот и се составен дел од твојата „пишана“ судбина, секогаш ќе го пронајдат нивниот пат назад кон твоето срце и ти кон нивното. На моменти, обидувај се и да ја „зафркнеш“ таа судбина којашто е како меч со две острици и пробај да ги промениш нештата околу себе, колку и тоа понекогаш да ти изгледа невозможно поради некое лошо минато искуство.
Запомни дека живееш само денес, сега и во овој момент! Запомни дека подоцна е подоцна. Пред еден час, месец, година се точки во минатото коишто не можеш да ги вратиш назад, а утре е нешто што сè уште не дошло на ред. Живеј за СЕГА, за ТУКА и ВАКА. Остави го мобилниот телефон на којшто му стана роб 24/7 и навистина СЛУШНИ што ти зборуваат пријателите, семејството и колегите околу тебе. Којзнае, можеби од нив ќе научиш нешто ново или преку нив ќе откриеш нешто ново за себеси!? Заборави за миг на стресот, обврските што те чекаат дури утре и плановите за наредната година…
Сопри за миг, додека трчаш да го фатиш автобусот и почувствувај го мирисот на тазе потстрижената трева во паркот. Ќе бидеш благодарен за тоа. Грижи се за неа. Природата е дар од небото со којшто не треба да си поигруваш.
Биди личноста којашто секогаш одбира да се сака доволно себеси, за секојдневно да работи на своето ментално и физичко здравје. Медитирај, шетај во природа, „рокни“ музика до крај, качувај се по планини, вози велосипед, скокај со параглајдер, вози скутер на вода… Прави сè што сакаш, сè што прави да се чувствуваш живо, среќно, полетно и здраво! Заборави на мрсните хамбургери во 3 часот по полноќ, заборави дека мораш да испиеш 4 алкохолни пијачки додека си излезен со пријателите, само затоа што ТАКА ПРАВАТ СИТЕ.
Биди личноста којашто индивидуално ќе одлучи како да се погрижи за своето тело, бидејќи нема да добиеш друго тело гратис во овој живот. Наполни го стомакот 80% отколку што собира и престани да јадеш во тој миг. Не, не мора да делиш банана-сплит со пријателите, не мора да ја запалиш таа цигара после 10 минути од претходната, не мораш да го испиеш тоа трето виски…
Вљуби се во свежиот домашен зеленчук и овошје, во мирисот на зготвената храна и забележувај како полека се трансформираш во личност којашто има енергија, волја и желба да направи сè што ќе науми. Гледај како ти, твоето тело и ум, станувате она што го јадеш и пиеш секој ден, како ќе ти се намалува стресот и ќе ти се зголемува чувството на задоволство.
Седиш минимум 8 часа на работа, па седиш уште 2-3 часа во кафеана и си одиш дома за повторно да седиш или лежиш на каучот и пред да си легнеш, се префрлаш во спалната, за погоди што? ПАК да не се движиш! Си знаел ли дека седечкиот стил на живот експертите го нарекуваат „новото пушење цигари“? Заборави го непотребното „висење“ на Јутјуб или Инстаграм со часови. Излези надвор! Живеј!
Биди личноста којашто секогаш простува и никогаш не ги обвинува другите луѓе за своите лични неуспеси. Биди личност којашто нема да се мрази себеси поради пропаднатите љубовни врски или поради тоа што неизмерно си сакала некого кој бил погрешен за тебе.
Биди личност којашто никогаш нема да се кае, затоа што ја подарила својата љубов на другите луѓе. Биди личност којашто не очекува ништо за возврат на нејзините добри дела. Биди личност којашто ќе верува дека постојат карма, праведност и универзум, коишто еден ден ќе најдат начин да ти искажат благодарност за сета љубов што ја споделуваш. Можеби не во формата и од луѓето од коишто си ги очекувал, но запомни дека љубовта ќе го пронајде патот до тебе, само треба да продолжиш да ја даваш!
Види, на светот му се потребни повеќе луѓе како тебе. Интензивната, искрена, чиста љубов којашто им ја даваш на другите, не е никаков знак на слабост, напротив, таа е симбол на сила, симбол на нешто коешто ретко може да се види и искуси денес.
Биди личност, којашто ќе живее спонтано и за моментот и убавината коишто се кријат во него.
Секој ден, без разлика што и да ти се случува, запомни дека во овој хаотичен, прашлив свет, ТИ можеш да бидеш нежниот раноесенски дожд, кој ќе ги освежи сите околу себе после летната жега. Којзнае, можеби ќе инспирираш и некој друг ДА БИДЕ ПРОМЕНАТА што му е потребна на овој свет, па тоа ќе поттикне спирален ефект во кој добрината ќе продолжи да се шири и да инспирира безброј други лица во круг. Луѓето денес не се навикнати на тоа, а отсекогаш, во сите времиња и векови, човекот живеел за истото: љубов, мир и благосостојба. Биди личноста, што секојдневно ќе ги потсетува другите на нивните базични инстинкти и потреби!
„Зошто? Зошто? Зошто?“ – можеби се прашуваш. Бидејќи, кога твојот животен часовник на овој свет ќе престане да чука, зад себе ќе оставиш трага од некој кој ќе биде запомнет како голем, хуман човек, којшто чесно љубел, без да се двоуми околу тоа. Ќе бидеш запомнет како личност, којашто придонела другите луѓе околу неа да се чувствуваат добро во врска со себеси. Ќе бидеш запомнет како личност, која НАПРАВИЛА ПОЗИТИВНА ПРОМЕНА во животите на другите, а нема поголем божји дар од тоа, нели!?
За крај, НЕ ЗАБОРАВАЈ ДА БИДЕШ ПРОМЕНАТА којашто ти и сите останати околу тебе сакаат да ја почувствуваат. Биди убавата промена, што ќе го осветлува светот околу себе и во себе.