Како влијаат трагичните филмови врз нашиот поглед на животот?
Зошто сакаме да гледаме филмови кои нè депримираат? Ова прашање кое веќе подолго време ги интересира психолозите и филозофите можеби конечно ќе добие одговор. Силвија Нолбок-Вестервик од Државниот Универзитет во Охајо се обидела со помош на научен пристап да објасни зошто луѓето уживаат во фиктивни трагедии.За оваа студија, истражувачите собрале група од 361 студент кои гледале кратка верзија од филмот „Каење“ (Atonement), приказна за заљубен пар кој бил разделен за време на војната и починале без повторно да се видат. На испитаниците им биле поставувани прашања пред и по филмот за тоа колку биле задоволни од својот живот. Тие исто така биле прашувани и за време на филмот за тоа колку интензивни чувства им се појавувале додека гледале одредени сцени. На крај, по завршувањето на филмот, испитаниците требале да напишат како влијаел филмот врз нив во однос на нивните цели, врски и општо на нивниот живот.
Првото откритие покажало дека оние кои изјавиле зголемување на нивната тага додека го гледале филмот најверојатно пронаоѓаат сличности со нивните блиски врски. Другото откритие покажало дека оние кои спаѓаат во оваа категорија по завршувањето на филмот покажуваат зголемување на среќата и задоволството од животот. Научниците сметаат дека ова настанува поради тоа што трагичните приказни ги тераат да сфатат дека можело да биде и полошо кога станува збор за нивните реални врски.
Ова истражување е доследно и со други студии на депресијата и тагата, кои често имаат за задача да им ги „отворат“ очите на луѓето. Според Ноблок-Вестервик:
„Позитивните емоции генерално се сигнал дека сè е во ред, нема потреба да се грижите и не мора да размислувате за проблемите во вашиот живот. Но, негативните емоции, како тагата, предизвикуваат да сте покритични за вашата сегашна ситуација. Поради тоа, ако гледате трагичен филм за љубовници кои не можат да бидат заедно, тој истовремено и ќе ве онерасположи и ќе ве натера да размислувате за вашата врска, како и да ја цените повеќе од претходно.“
Во оваа студија, била тестирана и хипотезата дека некои индивидуи доживуваат поголема среќа бидејќи се соживуваат со ликовите од филмот и сфаќаат дека нивните животи и не се толку лоши. Но, истражувачите откриле дека оние кои се поврзуваат себеси со ликовите не покажале зголемување во среќата откако завршил филмот како оние кои го поврзувале со нивните врски. Причината може да е поради самата тема на филмот, која е фокусирана на заљубен пар и романтични врски. Многу е веројатно дека друг вид трагичен филм ќе ги натера луѓето да размислуваат на друг начин.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.