Како велењето „НЕ“ може да го промени вашиот живот на подобро?
Што ќе се случи ако постојано им велите „да“ на луѓето? Вашиот живот ќе стане низа од обврски во кој сите кои ги познавате ќе бидат над вас. На овој начин не само што нема да имате време за вашите обврски, туку и целосно ќе се запоставите себеси што може да води до несреќа и неисполнетост во животот. Но, што ќе се случи ако почнете да кажувате „не“? Погледнете…
„Не“ ви овозможува контрола во животот
Кога некому велите „не“, со тоа кажувате дека токму вие сте оние кои го управуваат бродот на вашиот живот. Вие владеете над вашата судбина и сте водечката сила во вашиот живот. Овој мал збор ви дава целосна контрола над ситуацијата, па токму затоа и нема да дозволите никому да ја преземе и диктира насоката во која сакате вашиот живот да се движи.
„Не“ ви помага да научите до каде е вашата удобна зона
Секој има своја удобна зона која треба да ја почитува. Можеби вам не ви е пријатно да имате секс во првите неколку месеци со новиот партнер. Можеби не сакате да одите на состанок со онаа личност која без сомнение е слатка, но се однесува кон другите на неприфатлив начин за вас. Можеби сметате дека следната пијачка не е добра идеја за вас. Кога велите „не“, вие учите точно до каде ви е пријатно да се движите и со тоа се доближувате поблизу до вашиот морален компас. Доколку постојано се обидувате да ги задоволите туѓите барања и потреби, никогаш не одбивајќи ги, со тек на време идејата за правилно и погрешно ќе се измеша во вашиот мозок бидејќи вашата главна цел се другите, а не вие.
„Не“ ви покажува кои се вашите граници
Кога велите „не“ не само што ги потврдувате вашите граници, туку и му ги покажувате на светот, велејќи им на сите околу вас дека тие не можат да бидат заобиколени. Кога луѓето ќе научат дека вие сте личност на која не ѝ е страв да каже „не“, тие ќе престанат да ве тераат да правите сè што на нив не им се прави. Откако ќе поставите цврсти граници, луѓето ќе престанат да се обидуваат да ги прескокнат.
„Не“ ви помага да стоите цврсто на вашиот став
Кога една личност вели „не“, таа се бори за она во што верува. Кога ќе престанете да се плашите од овој збор и ќе почнете да го прифаќате како дел од вашето секојдневие, вие повеќе не се движите без насока – вие заземате цврст став и се борите за вашите индивидуални верувања, желби и потреби. На овој начин го прифаќате вашиот идентитет и сте горди на себе.
„Не“ ве прави посилни
Вие скоро инстантно ќе станете посилни кога ќе почнете да кажувате „не“ за сите оние нешта кои ги мразите. Кога велите „не“ без притоа да се извинувате, вие ја покажувате вашата почит кон себе. Исто така кажувате и дека секогаш сте си на прво место. На овој начин ќе си докажете дека сте силни и дека не мора да потклекнете на притисокот на останатите.
„Не“ е навика
Исто како и „да“, така и „не“ станува едноставна навика. Разликата е во тоа што кажувањето „не“ води кон поздрав и посреќен живот кој ве одржува безбедни и силни. Вие многу брзо ќе станете зависни од искажувањето на вашата независност. Ова моќно чувство кое доаѓа од толку едноставен збор ќе ви помогне многу да ја зголемите вашата самодоверба, а со тоа и перформансот во сите полиња од вашиот живот.
„Не“ ви овозможува време да кажете „да“ за вистинските нешта
Кога постојано велите „да“, многу е тешко да се фокусирате на сегашноста. Вашиот живот набрзо ќе стане низа од обврски кои мора да бидат завршени до одреден рок. Но, кога ќе почнете да кажувате „не“, вие конечно ќе најдете време да кажете „да“ за сите оние нешта кои навистина вредат да ги направите. Зарем не е тоа нешто што би сакале веднаш да го направите?