Како се користи сунѓерот од растението коњак и зошто токму вие треба да го пробате?
Сигурно веќе сте слушнале за овој сунѓер, но доколку не знаете за што станува збор – ова е вашата шанса. Овој сунѓер чија популарност вртоглаво расте може да ви помогне на природен начин да го чистите и негувате лицето. Еве зошто во последно време токму сунѓерот растението коњак стана толку популарен.
Што претставува сунѓерот направен од растението коњак?
Можеби во парфимерија, во продавница или на Интернет сте виделе некој мал, кружен, обоен сунѓер, но не ви било јасно за што тој служи. Овие сунѓери се произведуваат од истоимената билка коњак (позната и како ѓаволов јазик), поточно од нејзиниот исушен корен. Во Азија оваа билка се користи преку 2000 години, а самите сунѓери околу 100 години.
Процесот на правење е едноставен – правот од коњакот се меша со калциум хидроксид, па се загрева, се замрзнува, а потоа се суши. Калциумот прави крајниот продукт да биде нешто што помага при балансирање на pH нивото на кожата. Понекогаш на таа смеса се додава зелена или црвена глина за да се приспособи на различни типови кожа.
Зошто сунѓерот од растението коњак дава резултати?
Овој сунѓер покрај тоа што е добар за пилинг, добар е и за акни, митесери и егземи. Коњакот ја храни кожата со витамини А, Б, Ц, Д и Е, протеини, липиди, масни киселини, цинк, железо и магнезиум. Оваа магична билка содржи и антиоксиданси и низ историјата се користела за лекување тумори.
За разлика од другите препарати наменети за пилинг, коњакот е потполно нештетен за околината и е целосно природен и биолошки разградив. Најдоброто од сѐ е тоа што коњак сунѓерот во себе содржи толку добри состојки што за чистење на лицето може да се користи само вода. Некои истражувања покажале дека овој сунѓер дури ја спречува и појавата на бактериите кои предизвикуваат акни.
Која боја на сунѓер треба да ја изберете?
Темно сивиот сунѓер содржи јаглен и тој е добар за кожа која е склона кон акни.
Црвениот или розовиот сунѓер содржи француска глина која е добра за чувствителна, зрела или сува кожа.
Зелениот сунѓер обично содржи зелена глина која е добра за детоксикација и отстранување на вишокот маснотии.
Обрнете внимание кога ќе купувате дали некој од тие обоени сунѓери содржат вештачки состојки. Доколку не сте сигурни, земете коњак сунѓер што не е обоен.
Како се користи?
1. Кога прв пат ќе го земете во рака ќе забележите дела е малку тврд. Потопете го во топла вода околу 15 минути пред да започнете со употреба.
2. После првата употреба, секој нареден пат треба да го оставате да отстои од 1 до 2 минути во топла вода. Откако ќе се потопи во вода тој станува 1,5 пати поголем.
3. Нежно исцедете го вишокот вода држејќи го сунѓерот помеѓу вашите дланки. Можете да нанесете на него многу малку средство за чистење лице, а можете да го користите и без ништо.
4. Тријте го лицето нагоре со кружни движења. Концентрирајте се на деловите од лицето кои се суви или склони кон акни. Овие сунѓери ќе ја отстранат секоја нечистотија од лицето, како и шминката (за отстранување на малку потешка шминка ќе морате да додадете малку кокосово масло).
5. Измијте го сунѓерот со ладна вода и нежно исцедете го помеѓу дланките. Немојте да го вртите или пак, да го влечете.
6. Ставете го некаде на воздух за да се исуши. Како второ решение, можете да го чувате затворен во некој сад во фрижидерот. Погрижете се да биде подалеку од светлина и влага (не е баш најдобра идеја да го држите во бањата каде што има доста пареа).
Одржување на сунѓерот од растението коњак
1. Секои две недели ставајте го сунѓерот во врела, но не зовриена вода на 5 минути за да го дезинфицирате.
2. После 4 до 6 недели купете нов сунѓер. Време е за нов сунѓер кога ќе забележите дека тој не се однесува како претходно и кога ќе започне да се „распаѓа“.