Како размислуваат нарцисите и зошто ги повредуваат луѓето околу себе?
Нарцисите можат да бидат шармантни, харизматични, заводливи и возбудливи. Но, истовремено, можат да бидат и арогантни, агресивни, студени и себични. Многу лесно можете да се вљубите во нивната харизма, но и да бидете уништени од нивната темна страна. Сето ова звучи збунувачки, но сѐ ќе ви стане појасно откако ќе ја дознаете причината поради којашто се такви.
Нарцисите имаат оштетено и неразвиено „јас“ и затоа размислуваат и функционираат поинаку од другите луѓе. Сепак, интензитетот на нарцизам варира од случај до случај. Но, кои се симптомите кои се јавуваат кај повеќето нарциси?
1. Нарцистичка ранливост
И покрај тоа што се навидум силни личности, тие се многу ранливи. Психотерапевтите ги сметаат за кревки личности. Тие страдаат од длабока отуѓеност, празнина и немоќ. Поради нивната екстремна ранливост, тие сакаат да имаат моќ врз сѐ околу нив, вклучувајќи ги и луѓето и нивните чувства. Покажувањето искрени чувства го сметаат за неподнослив знак на слабост. На овој начин тие се заштитуваат себеси, но ги повредуваат луѓето околу себе.
2. Нарцистички срам
Под нивната фасада се крие токсичен срам, чувство за кое можеби и не се свесни. Токму затоа имаат ниска самодоверба и потсвесно се срамат од сѐ што се. Ова е главната причина поради која не знаат да прифатат критика, одговорност и негативен фидбек, па дури и кога тие се конструктивни. Наместо тоа, очекуваат позитивно мислење за сѐ од луѓето околу нив.
3. Ароганција
За да го намалат чувството на инфериорност, нарцисите сакаат да глумат супериорност. Затоа често се арогантни и критични кон луѓето кои ги сметаат за инфериорни, како што се посиромашните и помалку образованите луѓе. Со тоа што ги омаловажуваат другите, тие се чувствуваат подобро во врска со себе.
4. Грандиозност
Нарцисите се обидуваат да се убедат себеси и другите дека се извонредни, најдобри, најпаметни, најбогати, најатрактивни и најталентирани. Ова е причината зошто нарцисите сакаат да бидат во близина на познати личности и луѓе од високата класа. Тие мислат дека вредат повеќе доколку се дружат со луѓе кои се crème de la crème, односно со најдобрите во општеството. Сепак, длабоко во себе, не се толку сигурни во тоа.
5. Чувство дека имаат право на сѐ
Без оглед на нивното однесување, тие мислат дека имаат право на сѐ што ќе посакаат. Тие се убедени дека се супериорни над другите и дека со тоа им следува посебен третман. На пример, нивното време е побитно од времето на другите и затоа сметаат дека не треба да чекаат ред на шалтер. Едноставно, правилата кои важат за другите, не важат за нив.
6. Недостаток на емпатија
Нарцисите немаат способност да се идентификуваат со чувствата и потребите на другите. Истражувањата покажуваат дека тие имаат структурни абнормалности во мозочните регии кои се поврзани со емотивната емпатија. Единствениот начин на којшто можете да проверите дали сте сакани од нивна страна е преку начинот на којшто ве третираат. Со други зборови, нивните зборови не значат ништо.
Кога еден човек вистински љуби, тој покажува емпатија и активно учествува во животниот раст на партнерот за којшто се грижи. Многу е веројатно дека ќе се задоволите со празните ветувања на нарцисите ако не сте доживеале таква љубов.
Без емпатија, нарцисите стануваат себични и студени кога не им е од корист да глумат добрина. Наместо да одговорат на чувствата на другите, единствена работа за која што се грижат се нивните потреби. Тие ќе го добијат тоа што го сакаат, па макар и да биде со помош на мамење и искористување на другите.
7. Празнина
Нарцисите немаат позитивна, емоционална поврзаност со себе, нешто што им го отежнува емоционалното поврзување со другите. Нивното неразвиено „јас“ прави тие да зависат од мислењето на другите, односно од тоа да бидат вреднувани од околината. Тука лежи нивната ниска самодоверба и мислата дека се непожелни во туѓите очи. Токму затоа постојано копнеат по внимание и восхит од другите.
Како и да е, поради нивната внатрешна празнина, тие никогаш нема да бидат задоволни со себе. Што и да направите за нив, ништо нема да ја пополни таа празнина.
8. Немаат граници
Митолошкиот Нарцис се вљубил во сопствената слика, гледајќи го својот одраз во водата. Отпрвин, Нарцис не препознал дека одразот во реката е негов. Ова метафорично ги опишува нарцисите. Внатрешната празнина, срамот и неразвиеното „јас“ ги прави несигурни за своите граници т.е. за тоа што треба, а што не треба да очекуваат од околината. Тие не ги доживуваат другите луѓе како одделни поединци, туку како личности без чувства. Според нив, другите луѓе постојат за да ги задоволат нивните потреби.
Прочитајте го и ова искрено писмо од еден сопруг кој е нарцис.