Како постојаното жалење ја уништува вашата врска?
Дали имате навика да се жалите многу често? Сте помислиле ли некогаш како вашите поплаки може негативно да влијаат на вашата врска? Доколку хронично се жалите продолжете со читање бидејќи има голема шанса исфрлањето на таа лоша навика да ви ја спаси врската.
1. Навистина е заморувачко
Можеби мислите дека сте слатки кога се жалите или негодувате за нешто, но верувајте не е така. Без разлика дали се жалите за нешто што вашиот партнер го прави или за работата, пријателите и семејството, едноставно е заморувачки и навистина оди на нерви. Некогаш е во ред да се пожалите кога нешто ќе ви дојде преку глава, но хроничната потреба да се жалите само значи дека сакате да бидете центар на внимание и дека можеби сте навистина размазени. Тоа воопшто не е привлечно. Запомнете, никој не е должен да ве трпи, без разлика колку ве сака.
2. Станувате негативни личности
Постојаното жалење ве прави негативни личности. Секогаш кога се жалите внесувате негативна енергија во вашите животи и во животите на оние околу вас. Како последица се жалите уште повеќе.
Никој не сака да биде со личност која го унесреќува. Пробајте да престанете да се жалите, почнете да го вреднувате повеќе она што го имате и обрнете внимание на добрите работи, кои, како последица на вашата подготвеност да ги видите, ќе стануваат сè почести.
3. Вашите поплаки влијаат на самодовербата на вашиот партнер
Навистина е тешко за една личност постојано да слуша негативности. Како последица од вашето константно жалење вашиот партнер ќе почне да се чувствува лошо самиот за себе мислејќи дека не ве усреќува и не ви го дава она што ви е потребно. Само ставете се на негово место. Замислете вашиот партнер да беше незадоволен 80% од времето, без разлика колку труд вложувате да го расположите и да направите сè како што треба. Навистина ќе се чувствувавте лошо, нели?
4. Не ги забележувате добрите страни на вашиот партнер
Ако постојано се жалите вашиот партнер има сосем оправдана причина да мисли дека не го сакате и дека сте несреќни во вашата врска. Со постојаните поплаки пропуштате да ги забележите сите добри карактерни особини на вашиот партнер, сите негови позитивни страни како и нештата кои ги прави за ваше задоволство и благосостојба. Секој човек сака да се чувствува вреден и да биде ценет и сакан поради тоа што е и поради тоа што го прави.
5. Исцрпувачки е
Дали сте се нашле во близина на некој кој без разлика што и да направите никогаш не е задоволен? Нели е исцрпувачки вашиот труд да задоволите таква личност?
На пример, замислете дека работите во кафе бар. Имате муштерија кој постојано има поплаки за кафето без разлика какво сте го направиле. Некогаш се жали за начинот на кој сте го послужиле, некогаш за температурата на кафето, некогаш за пената и сл. Како и да го направите секогаш има поплаки. Со тек на време ќе престанете да бидете љубезни и да се трудите да ги задоволите неговите желби.
Истото се случува во љубовната врска. Да се биде со некој кој не гледа добро во ништо и секогаш наоѓа маана е навистина исцрпувачки.
6. Вашиот партнер ќе престане да ве слуша
Вашиот партнер со тек на време ќе најде начин да ве игнорира и да престане да ве слуша за негово добро. Тоа ќе ве оддалечи и ќе ја уништи вашата врска. Секој сака да биде со некој кој ќе ги цени неговите напори наместо да гледа негативно во сè.
Хроничното жалење има негативен ефект во секоја сфера од вашиот живот. Луѓето се оддалечуваат од вас поради негативното размислување. Некој се жали бидејќи бара комплименти, некој едноставно се жали бидејќи не умее да го види доброто во нештата. Таквите личности се напорни, дали сакате да бидете такви? Покажете љубов и разбирање. Никаде и на никому не му е совршено. Љубовта е трпелива и отворена за компромиси.