Како побрзо да ви се исуши лакот на ноктите?
Дамата се познава по нејзините средени и убави нокти, зарем не? Но не секогаш имаме време и нерви да дочекаме да ни се исуши лакот на ноктите. Обично почнуваме со некоја работа и ги упропастуваме ако не сите, барем неколку нокти. Кога човек е зафатен наоѓа начини да добие што е можно повеќе време, дури и ако станува збор за најобични (но потребни) нешта како маникирот. Драги дами со обврски, еве неколку трикови кои ќе ви помогнат вашите нокти многу побрзо да се исушат без да трошите пари на скапи продукти.
Фен за коса
Наједноставната и најефективната работа која секогаш ја имаме при рака во домот – фенот за коса. Обичен и стандарден фен ќе ви заврши работа кога станува збор за сушење на ноктите. Само прилагодете го на најниското ниво или пак пуштете го да дува ладно и внимавајте да не е поставен премногу блиску до ноктите.
Ладна вода
Овој трик е стар и секогаш успева. Откако ќе се излакирате ставете ги дланките под млаз студена вода или оставете ги некое време во сад со вода. Самите ќе забележите дека вашите нокти многу побрзо ќе се исушат.
Капки за брзо сушење на ноктите
Не мора да трошите голема сума пари, ваков продукт ќе најдете по сосема прифатлива цена. Откако ќе се излакирате капнете по една капка на секој нокт. Доколку сакате поголема ефикасност може да го употребите фенот за коса и во оваа постапка.
Спреј за готвење
Доколку дома имате спреј за готвење (оној кој се распрскува по површината на тавата за да не се лепи храната во текот на печењето), зошто да не го искористите во вашиот маникир? Внимавајте да не распрскувате многу блиску до ноктите и прснете по малку на секој нокт.
Кога станува збор за заштеда на време, постојат многу начини како да бидеме креативни. Кога времето е топло, а вие одите негде со автомобил, и ако спаѓате во групата девојки кои знаат да се лакираат во последен момент, само испружете ги дланките низ прозорецот. Додека да стигнете на вашата дестинација, вашиот маникир ќе биде готов. Или пак, побарајте лакови на чија амбалажа е назначено дека бргу се сушат.
Имате ли вие трикови за побрзо сушење на ноктите во домашни услови? Споделете ги со нас!
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.