Како омега-3 масните киселини влијаат поволно врз срцето и мозокот?
Сигурно сте слушнале дека омега-3 масните киселини поволно делуваат врз организмот. Но, кои се нивните здравствени придобивки? Истражувањата покажале дека овие масни киселини не само што го подобруваат здравјето на срцето (преку воспоставување здрав крвен притисок како и нормализирање на нивото на холестерол) тие влијаат и врз протокот на крв и циркулацијата. Со други зборови, омега-3 киселините се корисни не само за срцето, туку и за функцијата на мозокот.
Здравствени придобивки од омега-3 масни киселини
Омега-3 масните киселини се корисни во текот на целиот животен век. Покрај тоа што го поддржуваат растот и развојот од бременоста до адолесценцијата, омега-3 киселините се подеднакво важни и подоцна во животот. Тие можат да го подобрат здравјето на очите, мозокот и целокупниот нервен систем. Омега-3 киселините исто така го подобруваат протокот на крв и ги одржуваат чисти крвните садови.
Како протокот на крв влијае врз здравјето на срцето?
Омега-3 масните киселини го унапредуваат кардиоваскуларното здравје преку одржување здраво ниво на т.н. добар холестерол и триглицеридите. Тие исто така помагаат и за одржувањето на т.н. ендотелијална функција (правилното проширување на крвните садови, нивната контракција и релаксација) која е еден од главните фактори за правилен проток на крв. Покрај тоа, омега-3 масните киселини го намалуваат и ризикот од хипертензија.
Како протокот на крв влијае врз функцијата на мозокот?
Очигледно е дека добрата циркулација го подобрува здравјето на срцето, но како ја поддржува функцијата на мозокот? Правилниот проток на крв им обезбедува на мозочните клетки постојано снабдување со кислород и гликоза кои се неопходни за нивното правилно функционирање. Зголемениот проток на крв во мозокот може да резултира со различни придобивки за расположението како и когнитивни здравствени придобивки (подобрување на когнитивната функција и меморијата). Освен тоа, омега-3 киселините имаат антиоксидантни и антиинфламаторни својства кои играат улога во борбата против оксидативниот стрес во мозокот и во остатокот од телото.
Извори на омега-3 масни киселини
Рибите како скушата, туната, лососот и сардините се сметаат за еден од најбогатите извори на омега-3 масни киселини. Нутриционистите препорачуваат најмалку два пати неделно да се јаде риба за внесување доволни количини на омега-3 киселини во организмот. Доколку не сте обожавател на рибата, можете да консумирате повеќе семиња, јаткасти плодови и растителни масла. Конопот, ленот и индиските ореви се карактеризираат со висока концентрација на овој тип киселини.
Откако прочитавте за здравствените придобивки од омега-3 масните киселини, можеби ќе сакате да прочитате и кои 10 супер зеленчуци и овошки треба да бидат дел од вашата секојдневна исхрана.
Извор: mindbodygreen.com