Како и зошто да ја подобрите емоционалната комуникација?

Како и зошто да ја подобрите емоционалната комуникација?

Не ретко се случува многу повеќе да научите за некоја личност според нејзините движења, погледот или начинот на кој стои, гримасите на лицето и многу други карактеристики кои не вклучуваат зборување. Некогаш дури, доволно е да поминеш со некого само 5 минути и веднаш да знаеш многу работи за него, а кои воопшто ги нема спомнато. Некогаш може да си со некој со години, а да не знаеш кој е и што е. Способноста да препознаете нечии чувства и на некој начин да предвидите нечие однесување може многу да влијае на вашиот живот и начинот на кој вие ќе реагирате на случувањата околу вас. Ова има големо влијание врз љубовниот и деловниот живот, врз врските со пријателите и семејството и однесувањето кон сите останати луѓе.

(2)-kako-i-zoshto-da-ja-podobrite-emocionalnata-komunikacija-kafepauza.mk

Професорот по маркетинг на Државниот универзитет во Охајо, Блер Кидвел и неговиот колега, професор Џонатан Хасфорд од Универзитетот во Невада имаат спроведено истражување поврзано со оваа тема. Центар на ова истражување биле продавачи и купувачи, а целта била да видат како нивото на емоционална интелигенција влијае на успехот во продажбата. Резултатите покажале дека кога двете страни се со исто ниво на емоционална интелигенција, ќе постои обострана доверба, продажбата ќе се оствари и двете страни ќе заминат задоволни од комуникацијата. Кога нивото на емоционална интелигенција е ниско и кај продавачот и купувачот, тогаш ни продажбата ќе се оствари ниту, пак, тие ќе бидат задоволни од начинот на интеракција. Ако купувачот има повисоко ниво на емоционална интелигенција од продавачот, тој сигурно ќе добие претстава дека продавачот само сака да ја оствари продажбата и ништо повеќе, па ќе одолее на она кое воопшто не му е потребно. Купувачите како овие можат да се воздржат од купување на работи кои воопшто не им се потребни, ќе го купат само она по кое дошле и нема да ги интересира ништо повеќе.

Кога станува збор за препознавање на чувствата на партнерот, работите се малку покомплицирани во смисла на тоа дека постои начин и голема веројатност да ги повредите неговите/нејзините чувства. Доколку со партнерот сте добри во читање на меѓусебните желби и размислувања, а најмногу чувства, тогаш вашата врска најверојатно тече во многу синхронизиран тек. Во спротивно, голема е веројатноста дека често доаѓа до расправии бидејќи знаеме слепо да се водиме по онаа изрека Ако навистина ме сакаш, тогаш треба да знаеш што мислам и да препознаеш како се чувствувам .

(1)-kako-i-zoshto-da-ja-podobrite-emocionalnata-komunikacija-kafepauza.mk

Бидејќи согласно со горенаведените примери може да согледаме дека емоционалната интелигенција е доста важна во постојаното секојдневно комуницирање, може да се заклучи дека вреди да се работи на подигнување на нивото на осетливост. Според методите кои професорите Кидвел и Хасфорд ги изложиле во својата статија, постојат четири поконкретни области на кои најмногу влијаат методите за надградување на емоционалната интелигенција.

1. Согледување на емоциите

Често тежнееме кон погрешно перципирање на она што е пред нас. Уште почесто знаеме да ги помешаме нашите чувства за туѓи и со тоа да предизвикаме некакви проблеми. Способноста точно да можете да регистрирате како некој се чувствува е нешто што не се случува туку така, а колку повеќе сте свесни за емоциите околу вас и во вас, толку полесно ќе можете да ги раздвоите вашите од туѓите, свесно да избегнувате ситуации поради кои би се чувствувале лошо и би умееле да останете мирни и сталожени дури и кога сè околу вас е сосема спротивното.

2. Прифаќање на емоциите

Колку побрзо ги прифатите чувствата, толку побрзо ќе може да се сконцентрирате на согледување на тоа што предизвикало да се чувствувате така и како да го решите проблемот. Ќе можете побрзо да донесете одлуки кои нема да бидат базирани на моменталните чувства, туку инспирирани од нив и соединети со цел да бидат корисни. Лоцирањето на емоциите, идентификувањето што претставуваат и од каде потекнуваат и тоа со што поголема брзина ќе ве доведе до ситуација каде многу лесно и едноставно ќе може да ги изменаџирате. Оваа стратегија помага во секој аспект од животот и ќе ви заштеди многу инаку изгубено време.

3. Разбирање на емоциите

Ако успеете да го разберете она што го чувствувате, во иднина ќе може на некој начин да предвидите како би се чувствувале во дадена ситуација. Согласно ќе може да избегнете незгодни ситуации и да се поштедите себеси од несакани лоши чувства. Уште повеќе, со оглед на фактот дека емоциите се сѐ само не постојани и константни, со сфаќање на истите ќе може да ги насочите и смирите. Луѓето со високо ниво на емоционална интелигенција, предвидувајќи ги своите чувства, успеваат да донесат попаметни одлуки и многу побрзо, така што крајниот резултат да биде во нивна корист. Ова се однесува и на љубовниот живот, доколку станете свесни дека вашата среќа не зависи од и само од вашиот партнер, ќе спречите големо разочарување поради непостоењето на личност која ќе ги исполни вашите очекувања.

4. Управување со емоциите

Управувањето со емоциите е можеби најтешката работа која треба да ја совладате кога станува збор за вашата личност. Ова особено доаѓа до израз кога се соочуваме со силни емоции поврзани со личност која ни е блиска, која сме ја изгубиле или нешто што ни е многу важно. Самoконтролата е основна доколку сакаме да спречиме избувнување или донесување погрешни одлуки само поради тоа што се чувствуваме лошо. Ова овозможува да се справиме полесно со секојдневни ситуации во животот и особено да пребродиме многу полесно работи кои не можеме да ги смениме. Како последен, но најтежок чекор во изградување на личност со високо ниво на емоционална интелигенција, ова ни овозможува со висока веројатност да дојдеме до она што го сакаме и да успееме во она што ќе го замислиме.

(3)-kako-i-zoshto-da-ja-podobrite-emocionalnata-komunikacija-kafepauza.mk

Колку повеќе ги разбирате емоциите и препознавате како останатите околу вас се чувствуваат, толку полесно ќе можете од секоја ситуација да го извлечете максимумот, што укажува на добра емоционална комуникација. На овој начин, ќе влијаете секоја врска која ја имате оформено или ја оформувате да биде најдобра што може, не губејќи време на непотребни кавги, сплетки, пречки и проблеми. Вие ќе се чувствувате убаво, а и луѓето околу вас ќе се чувствуваат убаво. Сѐ што треба за да го започнете процесот на свестување околу емоциите е волја.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар