Како до успешна презентација на факултет?
За некои студенти, презентациите се одличен начин да добијат плус поени, но други со задоволство би ги прескокнале. Иако не постојат строги правила за совршена презентација, бидејќи големо влијание имаат многу фактори и околности, постојат неколку чекори кои ќе ви донесат поголем успех.За сите студенти кои се соочуваат со одредени потешкотии во текот на изложувањето на својата презентација, еве неколку совети:
1. Започнете со шега
Студентските презентации најчесто не се многу формални, па имајте слобода да кажете шега, но не претерувајте, не раскажувајте вицеви. Во вашиот вовед, спонтано вметнете шега за да ги насмеете колегите и да докажете дека сте целосно опуштени и природни.
2. Испланирајте го дадениот временски лимит
Без разлика дали ќе биде презентација од 15 минути или половина час, вие мора да го испланирате времето. Вежбајте дома, дури е пожелно да се снимате за самите да видите како изгледате и како звучите или правете го тоа пред огледало. Прилагодете ја вашата презентација според временскиот лимит. Би било навистина непријатно да завршите 5 минути пред време и да не знаете што да правите со преостанатото време, или пак, да не успеете да го презентирате својот проект во даденото време.
3. Обрнете внимание на изгледот на вашата презентација
Најверојатно за изработка на вашата презентација ќе се послужите со софтверска програма, како Power Point или Prezi, но внимавајте како ќе изгледа. Не употребувајте силни бои кои ги „замараат“ очите и не претерувајте со постојано менување фонтови, бои и наслови кои „летаат“ низ документот. Едноставното е секогаш подобра опција. Но нека не биде ни здодевно. Вметнете слики кои ќе го привлечат вниманието, без многу текст. Сепак, главната цел не ви е да го читате она што сте го подготвиле, туку да го презентирате. Презентацијата треба да ги содржи главните наслови, поднаслови и некои побитни податоци, најчесто оние изразени во бројки.
4. Вклучете ја публиката
Секогаш обрнувајте внимание на оние кои ве слушаат и проверувајте дали тие ви обрнуваат внимание вам. Вашиот поглед насочете го кон публиката, нека не изгледа како да си зборувате самите на себе, а за другите не ви е грижа. Зборувајте природно и вклучувајте ја публиката со фрази како: „Тоа ни се има случено на сите, нели?“ или „Кога последен пат сте помислиле…“.
5. Јасна структура на презентацијата
Имајте си одреден концепт по кој ќе се раководите, вашата презентација треба да има јасна структура. Сакајќи да објасните повеќе работи одеднаш и да дадете примери, лесно може да се оддалечите од главната поента на презентацијата, затоа држете се до вашата тема.
6. Поделете материјали на публиката
Сигурно во текот на вашата презентација ќе користите разна компјутерска опрема, но секогаш е добро да им поделите печатени материјали на оние кои ве слушаат, како листи со податоци, табели, хендаути, копии и сл. Материјалите секако дека не треба да ја содржат целата ваша презентација туку одредени податоци кои се важни. Така публиката ќе се чувствува инволвирано во вашата презентација, а и вие ќе докажете дека сте внимавале до најситниот детаљ. Доколку публиката е многубројна, поделете одреден број материјали кои ќе „кружат“ низ просторијата, а слушателите ќе имаат пристап до нив.
7. Внимателен избор на облека
Не одете до крајности, нема потреба од преголема формалност, но дури и да станува збор за најобична презентација, секогаш внимавајте на облеката. Вашиот изглед зборува многу за вас и секако, многу влијае на впечатокот кој ќе го оставите. Одберете ги вашите омилени парчиња облека и изгледајте уредно и средено, но пред сè примерно.
9. Самодоверба
Гестикулирајте, зборувајте гласно, јасно и сигурно. Тоа ќе направи да звучите како вистински експерт. Дури и да не сте потполно сигурни за одреден податок, кажете го со самодоверба.
8. Импровизирајте
Сигурно дека презентацијата ќе ја имате добро извежбано, но секому може да му се „блокира“ мозокот за момент. Не паничете туку импровизирајте. Секогаш имајте резервна варијанта, а не мора секој збор да ви е однапред испланиран. Доколку за момент нешто ви тргне наопаку, дајте си време зборувајќи за претходната точка или за нешто поврзано со вашата тема.
10. Изгледајте сериозно, но не исплашено
Можеби е во ред да започнете со шега и да не бидете „здрвени“ и стационирани на едно место, но сепак трудете се да изгледате сериозно за да не оставите впечаток дека целата таа работа за вас е една голема зафрканција.
11. Дозволете да ви поставуваат прашања
Секогаш дозволете им на оние од публиката да ви постават прашања, но можеби би било подобро да го одбегнувате тоа во текот на презентацијата, бидејќи можат да ве збунат, да ве оддалечат од темата и да ви одземат многу време. На крајот од презентацијата, обратете им се со зборовите: „Дали некој би сакал да праша нешто во врска со мојата презентација“ или нешто слично.
12. Добар заклучок
Секако дека оној главен дел од презентацијата е клучен, но заклучокот игра голема улога. Тоа е крајниот впечаток кој ќе го оставите. Трудете се во неколку реченици, во кратки црти да го сумирате она што сте го кажале, издвојувајќи ги најважните елементи и кажувајќи го вашето мислење.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.