Како да знаете дали да ставите мраз или нешто топло на спортската повреда?
Секојдневните предизвици на кои го изложувате вашето тело може да доведат до различни повреди – без разлика дали се работи за спортски повреди или болка поради паѓање. Начинот на кој ја лекувате болката е клучен за процесот на закрепнување. Дали знаете кога треба да користите мраз, а кога да нанесете топли облоги на вашата повреда?
Кога да користите мраз?
Ладната терапија, позната како криотерапија, најчесто се користи за лекување болка предизвикана од оток или воспаление. Ниските температури помагаат да се намали протокот на крв во повредената област, со што се намалува дополнителниот притисок на мускулите и на тетивите. Ова ја ублажува болката во таа област бидејќи се намалува чувствителноста на нервите.
Повеќето свежи повреди бараат ладна терапија за олеснување на отокот, на воспалението и на болката. Тука спаѓаат повеќето спортски повреди, како што се истегнување на зглобовите и напрегнување на мускулите, шинување и други повреди што водат до ненадејна акутна болка. Меѓутоа, кога станува збор за ладнаta терапија, времето е клучен фактор. Предолгото чување на ладните облоги може да нанесе повеќе штета отколку корист. Повредите никогаш не се лекуваат со мраз подолго од 20 минути.
Кога да користите топлина?
Топлинската терапија се користи за болка поврзана со вкочанетост во зглобовите и во мускулите. Повисоките температури го стимулираат протокот на крв во вените, односно испраќаат хранливи материи и кислород до погодената област. На овој начин се подобруваат подвижноста и флексибилноста, а во исто време се забележува значително намалување на болката.
Топлинската терапија најчесто се користи за хронични повреди или за оние што се присутни долго време, но не се санирани навреме. Кога сте дома, можете да спроведете топлинска терапија на два начини: со поставување топла влажна крпа на болното подрачје или со топла бања, како и сува постапка на загревање ткаенина во микробранова печка или во рерна, што исто така може да биде ефикасно. За разлика од ладните облоги, топлите можете да ги чувате на повредената област подолго време.
Прочитајте кои се идеалните вежби и спортови за вас според вашата крвна група.