Како да воспитате креативни деца наместо амбициозни роботи?
Кога ќе се спомене зборот „креативност“, повеќето луѓе мислат на уметност, музика, танцување, глумење и други слични активности. Меѓутоа, креативноста е основата на општеството и ги подразбира сите можни области што ви паѓаат на памет. Да не постоела креативноста, немаше да напреднеме толку многу. Ако не постоела креативноста, нашиот прогрес и општествен просперитет би замреле. Креативноста отсекогаш била клучот за иднината.
Иако креативноста навистина се однесува на музиката и уметноста, таа исто така се однесува и на сето она што го гледате во моментов: Овие букви, овие зборови, овој екран, светлината што ја емитува, струјата на која што работи лаптопот – креативноста е сето она што го гледате, а ние полека но сигурно ја убиваме.
Општеството ја убива желбата на секое дете кое ќе покаже креативни особини. Училиштата ги учат децата дека не треба да бидат креативни, туку дека треба да се вклопат во општеството. Родителите се обидуваат да ги исполнат своите нереализирани желби преку децата, а општеството ги води на сосема погрешни патишта.
Феноменот „чудо од дете“ се ограничува само на зборот „дете“, додека истите тие деца многу ретко се претвораат во генијалци кои можат да го сменат светот. Причината за тоа е фактот што не им дозволуваме да останат оригинални. Децата учат рутински задачи кои ги стишуваат нивните креативни моќи. Моќта да се создаде нешто ново е заменета од страна навиката да се повторува старото, затоа што тоа е полесно.
Наставниците ги фаворизираат децата кои стануваат послушни мали миленичиња и си ги задржуваат идеите за себе. Нашата површност не им дозволува да напредуваат во областа во којашто би можеле да бидат најдобри. Не им дозволуваме да ги променат работите со нивните генијални умови и така тие станува одлични овци.
Една работа е да станете експерти во вашата стручна област, но нешто сосема различно е да бидете изумители и иноватори кои ги кршат правилата во нивното поле на дејност за да создадат нови неверојатно иновации.
Најдобрите доктори и понатаму им помагаат на пациентите, но не размислуваат како да променат здравствениот систем што не функционира. Генијалните наставници успеваат да инспирираат неколку ученици, додека останатите остануваат заглавени во уништениот образовен систем кои истите тие наставници не добиваат шанса да го сменат. Адвокатите им помагаат на нивните неправедно обвинети клиенти, но не пуштаат глас кога станува збор за менување на расипаниот правен систем.
Општеството не се менува затоа што креативните умови мора да ги научат правилата и да им се потчинуваат. Тоа не значи дека креативните возрасни луѓе се замолчени, туку дека тие не се свесни за нивниот потенцијал поради многу здодевни задачи и очекувања од страна на оние кои не знаат како поинаку да функционираат.
Па, како може едно креативно дете да остане креативно? Што ја спречува креативноста која очајно му треба на овој свет?
Најголеми виновници се правилата кои учат децата уште од рана возраст. Овие правила ја ограничуваат нивната лична слобода на изразување, нивниот уникатен начин на размислување и просторот што им треба за да се развијат.
Во едно истражување кое ги споредило семејствата на најкреативните деца во образовниот систем со семејствата на оние кои не биле толку креативни, истражувачите дознале дека главната разлика лежи во тоа колку правила им се наметнуваат на децата. Имено, помалку креативните деца морале да следат околу 6 правила, како на пример кога да пишуваат домашни задачи и кога да си легнат. Од друга страна, пак, креативните деца имале помалку од 1 правило. А тоа правило не било конкретно, туку се однесувало на почитување на моралните вредности.
Треба да му дозволите на вашето дете да развие свои вредности, наместо да му ги наметнувате вашите. Тоа ја создава најголемата разлика помеѓу креативните деца и некреативните. Креативноста е замаглена од страна на правилата. Секако дека правилата се потребни за да може општеството да функционира, но вистина е и тоа дека правилата не можат да се применат во денешниот современ свет. Правилата служат за да ги пополнат празнините онаму каде што недостасуваат етиката и моралот, што значи дека акцентот треба да биде ставен на развивањето етички код, наместо да се наметнуваат застарени идеи кои ѝ припаѓаат на историјата.
Освен тоа, кога родителите ги принудуваат нивните креативни деца да учествуваат во активности што мислат дека се соодветни за нивните таленти, тоа е вистински кошмар за креативниот начин на размислување. Психологот Бенџамин Блум го проучувал раното детството на светски познатите музичари, уметници, научници и спортисти и дознал дека родителите на овие генијалци никогаш не ни претпоставувале дека нивните деца ќе станат суперѕвезди. Тие само ја поддржувале внатрешната мотивација на нивните деца. Кога детето сакало да прави нешто, тие ги поддржувале, што е многу поразлично од тоа да се обидуваат да го стават во кутијата каде што мислат дека припаѓа.
Вистина е тоа дека креативноста припаѓа надвор од кутијата и тоа никогаш не може да се промени. На креативните луѓе не им требаат посебни обуки и курсеви за да станат најдобри во она што се мотивирани да го прават. Ним им треба простор и поддршка од нивните најблиски. Ним им треба да бидат оставени и пуштени да го прават она во коешто се најдобри.
Со други зборови, родителите не можат да ги програмираат децата да станат креативни. Ако ги форсирате да станат успешни во нешто, ќе ги претворите во амбициозни роботи кои нема да се обидуваат да бидат иновативни во нивната област.
„Љубовта е подобар учител од чувството на обврска“, рекол Ајнштајн. Доколку сакате креативноста на вашето дете да процвета, треба да му дозволите да го прави она што навистина го сака наместо да му наметнувате чувство на обврска што треба да се заврши.
Дел од најголемите умови на 21-виот век никогаш не завршиле факултет. Некои од најголемите умови немале диплома по предметот во којшто денес се најуспешни. Тие само уживале во она што го правеле и притоа давале сѐ од себе.
На вас останува дали ќе им дозволите на вашите деца да станат генијалците кои можат да бидат или да станат дел од овците во стадото. Иднината им припаѓа на младите. Воспитувајте креативни деца, а не амбициозни роботи.
Во продолжение прочитајте и зошто треба да ве радува ако имате немирни деца.