Како да стекнете навика да читате по една книга месечно?
Секојпат кога ќе завршиме со некоја неверојатна книга, ја имаме истата мисла: „Зошто не го правам ова почесто?“ Реалноста е дека не е толку тешко колку што мислите. Решението се наоѓа во оваа програма од 7 чекори што ќе ви помогне да успеете да стекнете навика за читање и да завршувате барем по една книга секој месец.
Прв чекор: Намалете го неделното гледање телевизија за 3 часа
Да бидеме искрени, почестото читање го намалува времето поминато во гледање серии и филмови. Иако 3 часа неделно не изгледаат како многу, кога ќе го претворите во време за читање, ќе сфатите дека ќе добиете доволно слободно време за да поминувате по 150 страници за 7 дена!
Втор чекор: Секогаш носете книга (печатена или во електронска верзија), без разлика каде одите
И покрај тоа што читањето во удобноста на вашиот дом е прекрасно, вие не мора да бидете дома за да читате. Следен пат, кога ќе бидете излезени и ќе чекате, наместо да ги проверувате социјалните мрежи извадете ја книгата од чантата и искористете ги слободните моменти за читање. Ова може дополнително да го зголеми бројот на страници што ќе го читате на неделно ниво.
Трет чекор: Не се плашете да напуштите одредена книга
Ако сте поминале 30 страници и приказната не ве заинтересирала или пак, едноставно не ви се допаѓа, не се двоумете да се откажете. Ако се терате да ја читате против својата волја, само ќе го одложувате овој процес и пред да забележите ќе сфатите дека поминале 3 месеци, а вие не сте прочитале ни 3 страници.
Четврт чекор: Додајте го читањето во вашиот планер
Без разлика дали станува збор за 30-те минути пред појадокот, 45-те минути додека децата ви дремат или пак, 60-те минути пред спиење, одредете точно време во кое секогаш ќе читате и додајте го тоа во планерот. Ако се придржувате до другите планови, зошто да не го направите тоа и со овој?
Петти чекор: Поставете цели
Да замислиме дека книгата што сакате следно да ја прочитате има 400 страници. Тоа значи дека треба да читате по 20 страници дневно за да ја завршите за еден месец. Тоа е толку едноставно. Ако почнете од помалку, со тек на време завршувањето на целите ќе ве мотивираат да бидете поамбициозни и подоследни на замисленото, па ќе почнете да читате и многу подолги книги за истото време.
Шести чекор: Оформете клуб за читање
Иако кај нас ова е реткост, можете да се обидете преку социјалните мрежи да соберете истомисленици и заедно да се мотивирате повеќе да читате. Договарајте се која книга ќе ја читате за време на тековниот месец и пред да ја одберете следната, разговарајте за оние нешта што ви се допаднале, како и за негативните забелешки.
Седми чекор: Следете го вашиот прогрес
Пронајдете некоја апликација што го следи процесот на читање, како на пример Goodreads или пак, почнете со едноставно запишување на книгите што сте ги прочитале. Колку повеќе ќе ја пополнувате оваа листа, толку погордо ќе се чувствувате и ќе почнете да сакате да ја дополнувате што е можно повеќе, наоѓајќи слободно време за читање што претходно не сте ни знаеле дека го имате.
А ако решите да почнете уште веднаш, погледнете ги следниве 12 книги кои според Хемингвеј мора да ги прочитате!