Како да си поставите цели што ќе можете да ги постигнете без разлика на сѐ?

Како да си поставите цели што ќе можете да ги постигнете без разлика на сѐ?

Дали некогаш сте се запрашале зошто целите кои си ги поставувате во новата година доживуваат неуспех уште во првиот месец? Не е проблемот во волјата или во некои животни пречки, туку поради тоа што нејасните цели водат кон нејасни активности, а сето тоа води до нејасни резултати. Сите сакате промени, но не знаете како да ги направите на вистинскиот начин.

Како да си поставите цели што ќе можете да ги постигнете без разлика на сѐ?

Повеќето луѓе грешат во следниве работи: Најпрво, тие се многу возбудени на почетокот, па имаат нереални очекувања за тоа што може да го постигнат. И покрај истражувањето и планирањето, нивната желба за тоа брзо исчезнува. Во втората група спаѓаат луѓе кои имаат идеја што сакаат да прават, но немаат составено план за акција. На пример, тие си поставуваат цел да создадат поголема рамнотежа помеѓу работата и приватниот живот. Иако ова звучи прекрасно, ним не им е јасно какви активности треба да преземат. Така, недостатокот од стратегија и одговорност ги држи овие луѓе безбедни од неуспех, но исто така ги држи и заглавени.

Без разлика во која група и да припаѓате, решението е исто: Треба да настојувате да поставите подобри цели, такви кои ќе ве мотивираат и ќе ве поддржуваат. Притоа, треба да направите и вистински план кој ќе ве води кон успех. Во продолжение погледнете на кој начин треба да ги дефинирате вашите цели, а притоа истите и да ги остварите.

1. Идентификувајте ги специфичните работи што сакате да ги постигнете

Вашата цел треба јасно да дефинира што ќе направите. Таа треба да го претставува она што сакате да го постигнете и начинот на кој планирате да го изведете. Внимавајте да ги вклучите сите потребни чекори. Наместо да си кажете „Сакам поголема рамнотежа помеѓу работата и приватниот живот“, обидете се со „Ќе практикувам секојдневни активности за да создадам рамнотежа, така што ќе почнам со 10-минутна медитација, а потоа ќе преминам на втората активност, па на третата…“

2. Направете ги мерливи

Тука многумина грешат. Не треба да ја направите мерлива само вашата цел, туку и секој чекор што планирате да го преземете. Ова ќе ви помогне да правите изводливи чекори, да ја задржите мотивацијата и да сфатите колкав прогрес имате направено кон својата цел. За да ги направите акциите мерливи, бидете прецизни. Наместо да кажете дека работните обврски ги оставате само за на работното место, прецизирајте го тоа така што ќе си кажете себеси дека за време на работните денови нема да ја проверувате вашата електронска пошта после 8 часот навечер, а за викенди ќе го правите тоа само еднаш во денот.

За да ја направите вашата целокупна цел мерлива, потребно е да ја дефинирате вашата почетна точка. Изберете колку акции треба да преземете за да стигнете до целта и на крајот споредете ги. Исто така можете да го оценувате своето ниво на успех или својата способност на скала од 1 до 10, на почетокот и на крајот од секоја цел. Ако вежбате еднаш неделно, наместо да си велите дека ќе вежбате повеќе, кажете си дека ќе одите во теретана 3 пати неделно и ќе вежбате од 45 до 60 минути.

Како да си поставите цели што ќе можете да ги постигнете без разлика на сѐ?

3. Изберете цел што е возможно самите да ја постигнете

Изберете цел чиешто постигнување не зависи од другите, различните околности или добивка на лотарија. Во примерот за одржување рамнотежа помеѓу работата и личниот живот, лош показател за успех би бил износот на работа кој ви е доделен. И покрај тоа што се однесува на вашата цел, вие не можете да го контролирате она што ви го кажува вашиот шеф. Сепак, на некој начин можете да реагирате. Така, може да зборувате со него за крајните рокови и за приоритетните задачи.

Секогаш имајте на ум дека целите треба да бидат достижни и дека не треба да имате премногу нереални очекувања. Наместо да си кажувате дека сакате да изгубите 10 килограми за 2 месеци, обидете се да бидете малку пореални и тоа прилагодете го според вашиот начин на живот. Целта не е во врска со крајниот резултат, туку ја претставува вашата способност да преземате акции за да го достигнете тој резултат.

4. Идентификувајте релевантни чекори, а не случајно избрани

Секој чекор треба да биде директно поврзан со вашата цел и не треба да избирате случајни активности. Така, ако вашата цел е да најдете нова работа, тогаш треба да се фокусирате на соодветните чекори за тоа. Иако секојдневното вежбање е важно, тоа не е директно поврзано со вашата крајна цел (наоѓање работа), па не треба да го поврзувате со (не)успехот при обидите за нејзино остварување. При изборот на соодветни чекори, важно е да се запрашате самите дали тоа што сакате да го преземете директно влијае на тоа да ја постигнете целта. Ако одреден чекор не води кон доближување до вашата цел, тогаш не го вклучувајте.

5. Поставете си крајни рокови

Не е важно дали сакате или мразите крајни датуми, сепак, потребно е да ѝ одредите на вашата цел краен рок за нејзино остварување. Одберете таков датум што е доволно далеку за да ги видите резултатите, но и доволно блиску за да можете да ја одржувате својата мотивација. Поврзувањето на вашата цел со временска рамка создава некое чувство за итност, но и здрава непријатност помеѓу тоа каде сте сега и каде сакате да бидете. Во зависност од целта, најдобро е да изберете датум кој е 1, 2 или 3 месеци подалеку од денес. Тоа е доволно долго за да можете да ги видите промените, но и доволно кратко за да биде релевантно. Исто така ова ќе ви овозможи да ги преземате потребните активности за да продолжите напред.

Како да си поставите цели што ќе можете да ги постигнете без разлика на сѐ?


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Економист во изградба, а страстен обожавател на пишаниот збор уште откако знае за себе. Смета дека животот без домашно милениче не изгледа комплетен, а кафето со многу шеќер го смета за едно најубавите утрински задоволства.

Поврзани содржини

Остави коментар