Како да си го вратите квалитетниот сон?

Како да си го вратите квалитетниот сон?

Многу пати е потврдено дека добриот сон е од големо значење за правилното продуктивно функционирање на човечкиот организам. Експертите препорачуваат 8 до 9 часови спиење секоја вечер. Но, колкумина од нас можат да се пофалат дека поминуваат толку време во спиење? Веројатно бројката би била значително мала. Дури и оние кои успеваат да одвојат толку време за спиење, ретко кога станува збор за квалитетен сон.

Како да си го вратите квалитетниот сон?

Сето ова делумно е последица на брзото темпо на живеење, поттикнато од брзиот развој на современата технологија. Покрај тоа што работиме напорно, сакаме и да се забавуваме, па така спиењето полека се отфрла од нашата секојдневна рутина. Сепак постои начин да го вратите квалитетниот сон во вашиот живот доколку внимавате на следниве работи:

Обидете се да легнувате и станувате во исто време секој ден

Доколку се држите до точно определен распоред за спиење, вашиот внатрешен часовник ќе биде наместен и нема да има потреба да користите аларм. Времето што ќе си го определите за легнување нека биде реалистично, во согласност со вашиот животен стил. Изберете време кога вообичаено се чувствувате уморни за да можете веднаш да заспиете. Доколку сепак ви е потребен аларм, треба да си легнувате порано.

Одбегнувајте да спиете до подоцна дури и за време на викендите

Сигурно ви се случило да заглавите во сабота вечер, па да си легнете во раните утрински часови и утредента да го преспиете денот и да сте станете попладне. Не правете го тоа! Ако времето кога се будите за викендите се разликува макар само неколку часа од времето во текот на работната недела, вие го изместувате вашиот внатрешен часовник и организмот почнува да се однесува како да сте промениле временска зона. Доколку не сте спиеле доволно, подобро е изгубените часови да ги надоместите со попладневна дремка.

Вежбајте

Редовното вежбање ќе ви помогне да спиете подобро, а и ќе се чувствувате помалку поспани во текот на денот. Вежбањето е идеално решение доколку имате проблеми со несоница. Дури и едноставна 10-минутна прошетка значително го подобрува квалитетот на сонот. Меѓутоа, внимавајте на тоа кога сте физички активни! Вежбањето го забрзува метаболизмот и ја зголемува телесната температура. Тоа не е проблем доколку вежбате наутро или претпладне, но ако вежбате пред да си легнете, ќе си го попречите сонот. Се препорачува физичката активност да се одвива барем 3 часа пред спиење, бидејќи на телото му се потребни до 6 часа за да се олади. Ако сè уште имате проблем да заспиете, поместете го вежбањето уште порано.

Не пијте и не јадете обилно пред спиење

Полноќните вкусни задоволства можат да ве доведат во искушение особено за време на викендите, но обидете се да им одолеете. Вечерајте барем два часа пред спиење и избегнувајте тешка и зачинета храна. Храната која содржи многу маснотии е тешка за варење и тоа може да ве држи будни. Исто така, одбегнувајте да пиете премногу течности непосредно пред спиењето. Многу течности значат многу кратки посети до тоалетот во текот на ноќта, што значително го намалува квалитетот на сонот.

Тешко е да се внимава на сите овие работи, особено ако имате променлив распоред и начин на функционирање, но обидете се да ги вклучите во вашиот секојдневен живот. Благодарение на квалитетниот сон ќе станете попродуктивни, попозитивни и поенергични.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар