Како да си го смените животот за време на паузата за ручек?

Како да си го смените животот за време на паузата за ручек?

Голем дел од луѓето ги поминуваат работните денови во седмицата на еден рутински начин и ретко кога излегуваат од таа шема. Без оглед во кој дел од светот се наоѓаат, вообичаено наутро се соочуваат со утрински сообраќаен метеж или одложувања на возниот ред на јавниот превоз додека да стигнат до работното место, краток разговор со колегите, неколку часа продуктивна работа, кратка пауза за ручек надвор од канцеларијата (или сами пред компјутерите гледајќи видеа и проверувајќи ги социјалните мрежи), уште малку работа, и … Сè така до пензионирање или до крајот на животот.Доколку се пронајдовте во оваа рутина, зошто да не направите нешто ново? Зошто да не ги прекршите непишаните правила и да не излезете од удобната зона, којашто многу повеќе ви одзема, отколку што ви дава?

Како да си го смените животот за време на паузата за ручек?

Можеби, слободниот час за ручек, можете да го претворите во момент од кој ќе започне големата позитивна промена во вашиот живот. Луѓето вообичаено изнаоѓаат изговори дека по работните задачи се премногу зафатени со семејството, домот, роднините, пријателите, гледањето на омилената серија… Затоа, можеби токму паузата за ручек би можела да претставува светла точка во вашето секојдневие. Еве неколку предлози што сè можете да направите за себе за време на овие слободни минути.

1. Усовршете одредена вештина

(3) Сменете си го животот за време на паузата за ручек – да, можно е!

Можеби отсекогаш сте сакале да научите да програмирате или да го научите шпанскиот јазик? Што би било, доколку секој ден по 45 минути, пет дена во седмицата, би се посветиле на изучување на тоа што досега не сте можеле да го вметнете во дневниот распоред? Замислете си го вашиот напредок во таа област. Можете и да испратите имејл со кој ќе ги поканите вашите колеги да го сторат истото. Заедно со заинтересираните соработници можете да составите група во којашто, покрај брзиот ручек, ќе можете да се посветите на заедничкиот интерес. Денес, со интернетот постојат многу можности, при што можете да се приклучите на бесплатни или на онлајн курсеви за кои се плаќа, а учењето во група е секогаш поинтересно. Исто така, доколку, на пример, сте заинтересирани за изучување на некоја вештина од областа на компјутерите и програмирањето, можете како гостин во групата, да го поканите вашиот колега од тој сектор, кој би ви ги објаснил работите што не ви се доволно јасни. Или, доколку се одлучите за изучување странски јазик, на пример шпански, поканете колега кој веќе има познавање од овој јазик. На тој начин, вие и вашата група практикувајќи го јазикот, ќе добиете соодветни корекции на изговорот, додека истовремено ќе се релаксирате, ќе развиете посебен однос со вашите соработници, а што е најважно и ќе научите нешто ново.

2. Обновете ги старите пријателства

(5) Сменете си го животот за време на паузата за ручек – да, можно е!

Луѓето, кога се зафатени со работни обврски или кога се под стрес, најчесто првото нешто што го отфрлаат од своите животи се врските со пријателите. Многу често ќе се сетиме на некој пријател, но, низ главата ни поминува мислата „ќе му се јавам следната недела“ или „Ќе му одговорам на имејлот подоцна“. Времето минува, а луѓето сè почесто се опкружени само со колегите од работа, а поретко се гледаат со пријателите од детството, од средношколските денови, од факултет… Затоа не бидете и вие едни од нив. Искористете го часот за ручек и јавете му се на својот цимер, на својата пријателка од прво одделение, на колегата со кој ги полагавте испитите и истовремено минувавте луди ноќи по дискотеките, на вашата мајка, татко, сестра, брат… Покрај тоа што ќе ги видите и ќе се присетите на убавите заеднички моменти, исто така тоа ќе ве потсети дека вие вредите многу и дека не сте само вработени во некоја компанија. Со таквата кратка средба ќе стекнете поголема самодоверба и ќе ја добиете поддршката која можат да ја дадат единствено блиските луѓе.

3. Развијте 30-минутна рутина за вежбање

(4) Сменете си го животот за време на паузата за ручек – да, можно е!

Без оглед во каква физичка форма се наоѓате, 30-минутното вежбање околу пладне ќе ви дојде навистина добро. Доколку во близина на вашето работно место нема сала каде би можеле да вежбате, прашајте го вашиот претпоставен дали може да користите некоја од празните простории во рамки на компанијата во којашто работите. Како водич и мотивација може да користите некои од многуте видеа на интернет каналите. Тоа ќе ве наполни со енергија по неколкучасовното седење на канцелариското столче.

4. Создавајте нешто. Не е важно што, важно е да сте креативни

(8) Сменете си го животот за време на паузата за ручек – да, можно е!

Живееме во време кога постојат толку многу нешта за консумирање, што луѓето ја заборавија возбудата што се добива при процесот на создавање. Многу често можеме да слушнеме „Зошто да готвам, кога има готова храна? Зошто да пишувам? Зошто да шијам? Зошто да цртам?“ Но, чинот на изработка на одреден предмет или облека ни ги проширува видиците и внесува повеќе позитивна енергија и оригиналност во нашите животи. Доколку одлучите да се зафатите со некакво создавање, можностите се неограничени. Имајте на ум и дека тоа го правите за време на паузата, па не си вршете притисок. Никој од вас не очекува да ја создадете Систинската капела на вашата работна маса. Правете го тоа релаксирано, без брзање. Целта на процесот, во крајна линија, не е делото што го изработувате, туку можноста за себеисполнување.

5. Дремнете

(7) Сменете си го животот за време на паузата за ручек – да, можно е!

Никогаш не ја потценувајте моќта на дремката, особено ако стресната работна седмица ви била исполнета со премалку сон и премногу работа. Краткиот сон за време на паузата за ручек е можеби најдоброто нешто што ќе може да си го овозможите. Исто така, голем број истражувања посочуваат дека спиењето од 45 минути до 60 минути во денот ја подобрува работата на мозокот, особено меморијата и моќта за учење. Тоа е особено делотворно доколку се применува меѓу 13 и 15 часот, токму за време на паузата за ручек. Затоа додека вашите колеги ја пијат третата или четвртата шолја со кафе, вие можете да со направите простор за кратка дремка. Доколку на вашите колеги и шеф им пречи тоа, не мора да преспиете на работната маса. Најдете некоја просторија која што тој период од денот никој не ја користи или секако во краен случај, можете да го искористите и вашиот автомобил.

Заклучок

Едноставните промени во вашето секојдневие може да предизвикаат неверојатно позитивни нешта во вашиот мозок, тело и душа. Но, сепак, тие активности треба да ја подобрат вашата продуктивност на работното место, а не да ја намалат. Можеби ќе се откажете од ручекот во омилениот ресторан и за време на паузите ќе јадете спакувани јадења за да може да постигнете сè во вашите слободни минути, но придобивките без сомнение се големи.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Книжевник, новинар, сонувач... Го обожува утринското кафе без шеќер. Верува дека убавите нешта се кријат во мали и едноставни пакувања.

Поврзани содржини

Остави коментар