Како да се справите со силните расправии пред тие да излезат целосно од контрола?
Сите овие совети се дизајнирани со цел да ги вратат расправиите во безбедната зона и да ни отворат пат кон изнаоѓање заедничко решение. Колку послободно течат информации помеѓу соговорниците, на искрен начин исполнет со почит, толку полесно е да се има здрава комуникација.
Обрнувајте внимание на знаците на тишина. Тишината е еден од начините на кои се оддалечуваме од значајниот дијалог. Знаците на тишината вклучуваат „повлекување“ (повлекување на тоа што сме го кажале), „избегнување“ (неучествување или неискажување на нашите мисли), како и „маскирање“ (намалување на содржината на пораките).
Обрнувајте внимание на знаците на насилство. Насилството е уште еден начин на коj можеме да се оддалечиме од значајниот дијалог. Знаците на насилство вклучуваат „контролирање“ (влегување во збор), „етикетирање“ (осудување на нештата како добри наспроти лоши), како и „напаѓање“ (користејќи навреди и лични напади).
Обидете се да ги вратите нештата на безбедно. Колку порано ќе ги идентификувате знаците на тишина и насилство (и кај вас и кај соговорникот), толку полесно ќе можете да се справите со нив пред тие да излезат од контрола. Доколку ги забележувате овие знаци, тогаш е време да се врати разговорот во границите на безбедноста.
Започнете со нештата со кои се сложувате. Еден од најдобрите начини да ја вратите конверзацијата во безбедната зона е доколку започнете да разговарате за оние нешта со кои и двајцата се согласувате. Почнувајте ги речениците со „Да“ или „Се согласувам“, а не со изјавата „Не си во право.“ Откријте прво што е заедничко во вашата дебата, а потоа додавајте нови информации.
Кажете ги фактите позади вашата приказна. Кога почнувате да ја споделувате вашата страна, многу е важно да се држите до фактите, а не само да им одите контра на оние кои го тврдат спротивното. Постои голема разлика помеѓу велењето „Јас забележав чудни сметки на нашата кредитна картичка“ и „Ме изневеруваш!“ Објаснете ја детално и смирено вашата верзија од приказната и зошто мислите и се чувствувате на тој начин.
Дозволете му на соговорникот да ја каже својата приказна. Исто како што вие имате потреба да ја кажете вашата верзија од приказната искрено, така и другите сакаат да ја кажат својата приказна. Доколку сме искрени, заедничките точки брзо ќе почнат да се поврзуваат. Но, кога тој/таа зборува многу е важно да се чувствуваат сигурно, па токму затоа не смеете да ги осудувате или исмејувате.
Откријте заедничка цел. Кога сме дел од сериозни караници, ние многу често губиме чувство за вистинската причина поради која започнала оваа расправија и со тоа целосно престануваме да ја гледаме поголемата слика. Токму затоа многу е важно да направите еден чекор назад и да се обидете да најдете заедничка цел која и двајцата ја делите. Што навистина сакате од овој разговор? Што навистина сака другиот? Дали сте фокусирани на она што е навистина важно?
Бидете внимателни со играњето улоги на „жртва“ или „злобник“. Многу често луѓето ги трансформираат нивните приказни со цел да докажат дека се во право. Кога ова го прават играјќи ја „жртвата“, тие се преправаат дека ништо не е нивна вина и дека тие се беспомошни, а кога влегуваат во улогата на „злобникот“, тие се преправаат дека другата личност е чисто зло кое се обидува да ги уништи. Најчесто нашите приказни ги покажуваат настаните кои довеле до оваа ситуација во црно-бела боја каде што вистината е заглавена некаде во средината.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.