Како да се работи со површни луѓе?

Како да се работи со површни луѓе?

Автор: Калин Бабушку

Нè утепа површноста во работењето. Многу сме, бре, површни. И проблемот е во тоа што сите тие кои се површни не разбираат дека, ако се површни на работа, тие се површни и дома и со пријателите и со фамилијата и насекаде! И најстрашно од сè е што на тие луѓе секогаш друг или други им се криви, никако тие да разберат дека поради нивната површност се такви какви што се.

kako-da-se-raboti-so-povrshni-lugje-kafepauza.mk

За жал, сè повеќе луѓе има кои иако се површни успеваат да напредуваат, но најчесто во јавниот сектор (за жал, што воопшто напредуваат).

Едно треба да се знае, тие луѓе само ја влечат работата надолу и две решенија се во опција: или ќе си отидат од таму од каде што се (дали сами или со помош на претпоставениот, тоа оставам на вас кои сте на позиција да го направите тоа) или, пак, ќе се променат.

Кога зборуваме за површни луѓе, зборуваме за луѓе кои воопшто не го активираат мозокот, кои сакаат да поминат по полесниот пат (најголем број), кои не сакаат ни капка пот да дадат од себе, а сакаат да имаат најголеми заслуги…

Површноста е карактерна особина и тие коишто се површни во работата треба многу да работат за да променат некои работи кај себе. И за тоа може да пишуваме во некоја друга околност. Тука повеќе би сакал да се задржам на моментот како да се справите/ме со нив и како да ги научиме да се променат, а ако ова не помогне тогаш оставам на вас да решите што понатаму:

Бидете специфични – Ако доцнат, кажете им дека доцнеле толку и толку пати во текот на неделата и дека не може да се потпрете на нив. Ако не ги извршуваат работите како што сте се договориле (гледајте да се договорите со нив за точниот период на исполнување на обврските и писмено искомуницирајте го тоа), тогаш наведете им го тоа.

Не дозволувајте да ви го одвлечат вниманието – Не трошете го времето на тоа колку време поминале тие на некој социјален медиум или во неработење. Не велам дека не треба да им кажете, но вие си имате ваши задолженија. Тие ќе пробаат да направат сè за да ги придобијат луѓето кон себе.

Немојте да дозволите да бидете вметнати во моментот на праведност – Сите ние знаеме дека животот не е фер. Како за нас, така и за секој друг. За површните луѓе секогаш се вели дека се извлекуваат, па гледајте да не го дозволувате тоа.

Немојте да дозволите да ве вметнат во својот стил на живот – Ручек кој трае два саата… посета на тоалет на секои 30 минути… празни муабети… сето тоа е карактеристика на овие луѓе и немојте да дозволите да бидете вовлечени во овој круг.

Немојте да дозволите нивната работа да стане ваша работа – Ако сте од ист тим или во иста просторија, најчесто ќе пробаат да се наметнат над вас или да ве „натераат вие да ја завршите нивната работа за нив“. Слободно потсетете ги за временскиот рок во кој сте се договориле дека треба да се заврши работата.

Правилна прераспределба на задолженија – Бидејќи сите знаеме дека се површни, обично ним не им даваме премногу задолженија за разлика од другите кои ги земаат и нивните. И тоа не е фер. Ако сте на менаџерска функција, внимавајте да не се случуваат вакви работи. Ако сте соработник, истакнете го тоа кај вашиот претпоставен.

Дали сте се разбрале – Внимавајте кога ќе се разговара за нивните задолженија, дали ве разбрале убаво што треба да направат. Може да се случи подоцна да се „вадат“ на тоа дека не ве разбрале убаво.

Искористете ја нивната површност – Со тоа што ќе се истакнете како лидер во групата и ќе ги извршувате вашите задолженија навремено. Луѓето го забележуваат тоа.

Уффф… тие површни луѓе… може да пишуваме уште неколку совети, но пак ќе кажам: тоа е нивна карактерна особина. Колку и да сакате вие да ги промените, тие треба да сакаат да се променат. Но навистина да сакаат!!! Ние може само да им посочиме дека се површни, а другото е до нив.

Петар Лазаров и Калин Бабушку, основачи на Македонија Експорт, се автори на прирачникот Tip of the week кој изобилува со совети за личен и професионален развој. Повеќе информации ќе најдете на нивната страница на Фејсбук.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар