Како да се погрижите доматите да ви траат подолго?
Доматот е вкусна и здрава храна која би требало да ја јадете секојдневно. За неговите придобивки во врска со здравјето и убавината се знае многу, но малку луѓе знаат како тој треба да се чува за да трае што подолго. Многумина знаат дека тој не треба да се чува во фрижидер, туку на собна температура, но во продолжение дознајте дали постојат некакви разлики во чувањето на доматите кога тие се зелени, зрели или презрели.
1. Домати кои сè уште се зелени
Најдобро би било да ги чувате во хартиена кеса или уште подобро во кутија, на ладно и темно место и да се одвоени со хартија еден од друг. Тие после неколку дена ќе созреат, ќе бидат подготвени за јадење и нема да изгнијат во меѓувреме.
2. Зрели домати
Има ли нешто подобро од сладок, зрел и сочен домат, па уште да биде и домашен? Сепак, би било добро да знаете како да го зачувате од брзото расипување. Одвојте ги доматите еден од друг со хартија или картон и чувајте ги на собна температура и колку што можете подалеку од извор на светлина.
3. Презрел домат
Презрелите домати имаат силно црвена, дури и темно црвена кора. На допир се доста меки, но немојте да ги фрлате. Тие можат да преживеат уште 3-4 дена доколку ги ставите во фрижидер, бидејќи ладниот воздух ќе ги спречи да созреваат повеќе. Пред да ги јадете, почекајте да постојат барем половина час на собна температура со цел да го вратат својот првобитен вкус.