Како да се ослободите од негативните мисли?
Дури и најпозитивните умови одвреме-навреме може да имаат негативни мисли. Едноставно немаме целосна контрола врз нашите размислувања и токму затоа понекогаш може да се појават непоканети мисли. Но, она врз што можеме да имаме контрола е начинот на кој реагираме на овие негативни мисли.
Погледнете ги наредниве неколку совети кои ќе ви помогнат да научите како полесно да се справувате со негативното размислување…
Сфатете дека вие не сте вашите мисли
Ниту една помисла не ве прави она што сте. Нашата свесност за нашите мисли постојано се менува, додека пак голем дел од тие мисли се само моментално доживување кое брзо ќе помине. Обидете се да го замислите вашиот ум како небо, а вашите мисли како облаци кои се движат. Како што постојано надоаѓаат нови облаци на небото над нас, така поминуваат и различните мисли низ вашиот ум. И исто како облаците, тие никогаш не се статични. Тие влегуваат во вашиот видокруг, ја менуваат формата и потоа ги снемува. Една мисла по друга, еден облак по друг…
Доколку почнете да ги гледате вашите мисли на овој начин, вие нема толку многу да се приврзувате за нив и нема претерано да реагирате на нивното присуство. Ќе почнете да ја препознавате нивната непостојаност и ќе можете многу полесно да ги оставите да поминат без притоа премногу да влијаат врз вас.
Запрашајте се себеси: Што сакаат да ми кажат моите негативни мисли?
На многу начини, нашиот ум еволуирал за да може преку размислувањето подобро да го сфати светот и полесно да се адаптира на средината. Доколку постојано ви се повторува некоја негативна мисла во вашиот ум, тогаш можеби тој се обидува да ви каже нешто (не секогаш на најдобриот и најљубезниот можен начин). На пример, преку мислата „Јас сум идиот“ можеби вашиот ум ви порачува дека треба повеќе да се фокусирате на предавањата, на секојдневните обврски, или пак едноставно дека треба да почнете повеќе да учите или да работите. Можеби мислејќи „Јас сум ужасна личност“ вашиот ум сака да ви каже дека треба повеќе да ги почитувате вашите најблиски роднини и пријатели или соработници. Во голем број од негативните мисли можете да најдете барем еден бисер мудрост, но мора да имате на ум дека прво треба да откриете кој е коренот на вашето негативно размислување.
Понекогаш нашите умови се намерно негативни со цел да го привлечат нашето внимание кон одредени нешта во животот кои сме почнале да ги занемаруваме. Како и секоја критика, без разлика дали доаѓа од вас или од другите, не ја земајте при срце.
Играјте си со висината/нивото/тонот на вашиот внатрешен глас
Кога една негативна мисла ќе се повтори повеќе пати, таа може да премине во навика од која не можеме лесно да се ослободиме. Еден начин на кој можете ефективно да го победите негативното размислување е доколку ги смените висината, нивото или тонот на вашиот внатрешен глас. На овој начин вие ќе успеете да ја смените емоционалната реакција на мислата која ви поминува низ глава. На пример, доколку вашиот внатрешен глас е со повисок тон и со пониско ниво вие нема да го сметате за толку авторитативен и влијателен, а на тој начин ќе ја намалите и неговата моќ. Од друга страна, доколку го смените „звукот“ на вашиот внатрешен глас вие можете да направите тој да биде смешен. Нема шанси да можете да ја сфатите сериозно реченицата „Ти си глупав/а“ доколку е кажана со гласот на Пајо Паторот или Мајк Тајсон.
Експериментирајте со различни гласови кога ќе слушнете негативна мисла во вашиот ум. Обидете се со некои навистина смешни и кротки гласови и повторувајте ги овие мисли на тој начин за да го намалите нивното влијание врз вас.
Едноставно седете, набљудувајте и чекајте
Како што веќе споменавме, секоја мисли поминува со доволно време и трпение. Па, доколку претходниве неколку техники не ви помагаат, едноставно смирете се, земете длабоко воздух и потсетете се дека како сè останато и ова ќе помине. Обидете се да не се вмешувате дополнително во вашите мисли, само бидете нивен набљудувач. Следете го нивниот тек без да ги осудувате како „добри“, „лоши“, „позитивни“ или „негативни“. Наместо тоа, направете еден чекор наназад и гледајте ги како да се филм, затоа што исто како и филмот, размислувањето само од себе не може да ве повреди.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.