5 едноставни чекори за целосно исфрлање на глутенот од исхраната

5 едноставни чекори за целосно исфрлање на глутенот од исхраната

Доколку сте заинтересирани да дознаете повеќе за храната без глутен, голема е веројатноста дека вашиот организам не може да го толерира глутенот. Повеќето луѓе кои се исхрануваат безглутенски го прават тоа поради алергија, нетолеранција или Целијакија.

Како да се ослободите од глутенот во 5 едноставни чекори?

Оваа состојба се јавува кога човечкото тело не може да го толерира глутенот, а тоа значи дека е забрането внесување пченица, јачмен, ‘рж и сè што е направено од нив. Дури и малечки количини пченичен леб може да предизвикаат сериозни проблеми. Ако имате дијабетес мора да појдете на лекар и да се проверите затоа што околу 10% од луѓето со дијабетес тип 1 го имаат ова нарушување.

Па, доколку имате потреба од безглутенска исхрана, следниве чекори ќе ви помогнат брзо да го исфрлите од вашиот режим на исхрана…

1. Проучете го вашиот моментален начин на исхрана

Првиот чекор е да го проучите вашиот начин на исхрана и да одлучите што ќе исфрлите. Речиси секој прехранбен продукт има состојки кои се напишани на пакувањето. Тоа законски треба да биде така, но доколку е потребно секогаш можете да побарате информации онлајн. Оштетената етикета не би требало да ве спречи во намерата сè додека имате пристап до Интернет. Треба да барате три специфични работи: пченица, јачмен и ‘рж во секаква форма (вклучувајќи ги и нивните изведенки).

Направете ги следниве две листи кои содржат храна што можете да ја јадете и е безбедна за вас, и храна што не смеете да ја јадете. Можеби ќе можете и да ги запомните овие листи, но доколку ги запишете побрзо ќе станат дел од вашата меморија.

Безбедна храна:

  • Овошје
  • Зеленчук
  • Свежи јајца
  • Свежо месо/Живина
  • Риба
  • Мешункаст зеленчук (грав, грашок)
  • Семки и јаткасти плодови
  • Млечни производи
  • Ориз
  • Тапиока

Небезбедна храна:

  • Пиво
  • Крекери
  • Повеќето десерти
  • Житарици
  • Торти
  • Пити
  • Палачинки/вафли
  • Тестенини
  • Преработено месо

2. Појдете до супермаркет

Готвењето до некој степен е прашање на креативност. Вие треба да одредите кои намирници ќе ви бидат потребни. Бидејќи сите безглутенски начини на исхрана ја исфрлаат храната богата со јаглехидрати на која сте биле навикнати, треба да ги прилагодите вашите кулинарски вештини и да им најдете замена.

3. Информирајте ги вашите пријатели и семејството

Луѓето честопати јадат заедно како дел од социјалните активности. Поради тоа треба да им ставите до знаење на вашите пријатели и роднини (тие што ги гледате почесто) дека сте на безглутенски начин на исхрана. Ова ќе ви помогне да бидете сигурни дека нема да паднете во искушение поради храна што содржи глутен, ќе спречи случајно да внесете глутен на Божиќната вечера или на некој друг настан. Доколку сте на студии тоа значи дека имате уште поголеми предизвици.

За тие што живеат со вас треба да постојат одредени предупредувања за да се избегне крос-контаминацијата. Не чувствувајте вознемиреност поради недоразбирања. На пример, да речеме дека некој прави сендвич во кујната и оставил лебни трошки. После тоа доколку некој што не е толерантен на глутен почне да подготвува храна на истото место започнува да има реакции од трошките. За да се избегне овој проблем наједноставно решение е да се избрише површината каде што се подготвувала храната.

Влијанието на средината е нешто кое влијае врз сите (дури и доколку не сакаме да го признаеме тоа.) Придржувањето до безглутенска исхрана е многу полесно доколку другите околу вас не ги наметнуваат нивните идеи. Секако дека не треба да ги исфрлите од вашиот живот пријателите кои ви нудат парче леб или тост, но да не заборавиме дека во природата на луѓето е да сакаат да го прават она што другите го прават.

4. Истражете ја алтернативната храна

Откако ја поставивте диетата сега треба да побарате замени. Добра идеја е да ги исклучите производите со леб, особено кога не сакате да дозволите нешто да ви наштети. Како и да е, откако целосно ќе се ослободите од лебот треба да почнете да барате негова замена, како на пример, оризово брашно. Технички, лебот може да се направи од секоја сува супстанца. Луѓето го прават лебот од многу различни работи, откритие што ќе ве воодушеви. Никоја од нив не функционира како белото брашно, но постојат многубројни опции кои се негова замена.

5. Истражете ги непознатите територии

Постојат непрехранбени продукти кои често содржат глутен како што се одредени козметички производи што го користат глутенот како материјал. Тој може да се содржи и во пластелин со кој децата си играат, но е ризичен за оние што се осетливи на глутенот. Исфрлете го од домот доколку вашите деца пробале да јадат пластелин (ова е вообичаено кај помалите деца кои барем еднаш го направиле тоа) за да немаат можност да дојдат во контакт со него. Некои мултивитамини содржат глутен, па секогаш проверувајте ја етикетата пред купување.
Лековите се друг можен извор на непосакуван глутен. Некои лекови содржат малку, но некои се познати дека го користат како основа за другите супстанци. Овој проблем се решава лесно затоа што секој добар доктор ќе избегне да ви дава медикаменти што содржат глутен. Секогаш информирајте го вашиот доктор за нетолеранцијата на глутен дури и кога се лекувате од целосно различна состојба.

Одредени прехранбени продукти се наоѓаат во сива зона помеѓу „безбедни“ и „небезбедни“.

Супата е добар пример. Повеќето супи не содржат леб, но други употребуваат пченица како основа. Ова повеќе може да се забележи кај поевтините брендови затоа што пченицата е поевтина и полесно достапна. Поради тоа некои супи содржат глутен, а некои не. Друг добар пример е оцетот. Оцетот од сладок јачмен содржи глутен и треба да се избегнува. Додека јаболковиот оцет не содржи.

Кога станува збор за слатките, бидете посебно внимателни затоа што половина од најпознатите видови содржат глутен. Кога ќе додавате производи во вашата листа обидете се да ги подредите според специфичните имиња затоа што постојат многу варијации.

Начинот на живот без глутен не е тежок. Кога еднаш ќе се навикнете на неколкуте едноставни правила и предупредувања, тоа ќе стане дел од вашата природа и нема да ви требаат дополнителни напори.

Следејќи ги овие 5 едноставни чекори слободно можете да преминете на безглутенски начин на исхрана со минимален ризик и возбудување. Пробајте да не ја гледате како проблем вашата состојба. Можеби на некој начин таа е проблем, но нема да имате придобивки доколку ја доживувате така. Наместо тоа, гледајте ја како предизвик и изговор да живеете здрав живот – нешто кое сите треба да го практикуваме.

Дознајте и кои се симптомите кои укажуваат на нетолеранција на глутен.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Психолог кој најдобро се изразува преку пишаниот збор. Нејзиниот личен лајтмотив гласи: „Остани своја и поинаква бидејќи само така ќе блеснеш во полн сјај!“

Поврзани содржини

Остави коментар