Како да се ослободите од електрицитетот во косата?
Последните неколку денови имаше навистина нагли промени на температурата, а овие промени влијаат врз изгледот на вашата коса. Голема е веројатноста да сте се соочиле со електрицитет во косата, па во продолжение дознајте како да се справите со тој проблем.
Електризирањето на косата настанува поради наглите температурни промени, кои се карактеристични за постудените месеци или кога излегувате од загреана просторија на студен воздух. Кај оштетената коса електрицитетот почесто се јавува, а бактериите и прашината кои се лепат за косата дополнително ја оштетуваат и сушат.
За да го спречите електрицитетот во косата, потребно е поретко да ја миете. Честото миење на косата ги отстранува природните масла, со што таа е посува. Поради ова, косата е поподложна на статички електрицитет. Експертите препорачуваат да ја миете косата еднаш до два пати неделно, и тоа со млака вода и хидратантен шампон и регенератор.
Покрај тоа, најдобро е да ја сушите косата природно. Доколку сепак морате да користите фен, држете го на растојание од 20 до 30 центиметри од косата.
Кога ја чешлате, најдобро е да ги избегнувате пластичните чешели и да користите од природни материјали, како дрво.
Редовното кратење на косата е исто ефикасен начин за спречување на електрицитетот. Испуканите врвови се поподложни на електрицитет, а добро би било да ги избегнувате и агресивните третмани и бојата за коса.
Кога веќе ќе настане електрицитет во косата, постојат неколку начини со кои можете да го намалите:
- Откако ќе ја исушите косата, испрскајте ја главата со малку вода.
- На четката со којашто ќе ја чешлате косата, нанесете малку лак за коса.
- Со метален предмет поминете низ косата, бидејќи металот го апсорбира статичкиот електрицитет.
Пробајте ги и овие трикови за поголем волумен на вашата коса.