Како да се ослободите од болвите на вашето куче?
Наездата на болви е непријатна и за вас и за вашето куче. Но постојат неколку безбедни начини да се ослободите од овие паразити. Се разбира, пред да пробате што било од предложеното, секогаш консултирајте се со ветеринар.
Како да препознаете дали кучето има болви?
За најлесно да го проверите кучето, натерајте го да легне на грб. Ако сака да му го чешкате стомакот, нема да ви прави проблем за ова. Со четка или со вашите раце поминете низ крзното и особено внимание обрнете на топлите заштитени места, како ушите и пазувите. Потоа побарајте некој од следниве знаци:
- „Земја“ од болви: Болвите се мали, темни и брзи, па можеби и нема да ги видите. Но можете да ја видите „земјата“ што ја оставаат зад нив. Таа изгледа како бибер или како многу ситна темна земја.
- Црвенило, чешање, касање и лижење: Доколку кучето претерува со овие активности, можеби има болви. Ако е премногу чувствително на нивните убоди, може да му се појави и црвенило на кожата.
- Паѓање на крзното: Кај некои кучиња почнува да паѓа крзното, или од убодите од болвите, или од постојаното чешање.
- Светло непце: Ова може да биде знак на сериозна наезда на болви. Светлите непца се знак за анемија и тоа значи дека вашето куче има толку многу болви, што неговото тело не може да се справи со нив.
Важно е да знаете дека болвите можат да ве каснат и вас, но нема да се намножат на вашето тело. Доколку ве касне болва, ќе се појави мала црвена точка што ќе ве чеша.
Како да се ослободите од болвите на природен начин?
1. Кокосово масло
Киселината во кокосовото масло ги одбива болвите и крлежите. За да се ослободите од нив, да го намалите чешањето од убодите и да ја омекнете кожата на кучето, земете малку кокосово масло во дланките и стопете го. Масирајте го кучето со маслото и осигурете се да го нанесете сè до неговата кожа. Потоа исчешлајте го крзното на кучето – болвите ќе се закачат на маслото и на чешелот. Болвите што ќе го избегнат маслото ќе почнат да бегаат од кучето, па правете го ова надвор. Овој метод е безбеден да го правите еднаш неделно. Како алтернатива можете да измешате кокосово масло и вода и да го ставите во шише со распрскувач. Пред да го пуштите кучето надвор, испрскајте го со смесата.
2. Јаболков оцет
Измешајте вода и јаболков оцет во ист сооднос и секојдневно прскајте го кучето. Доколку му се допаѓа вкусот, можете да измешате две лажици јаболков оцет со храната или водата на кучето како дополнителна заштита за топлите месеци. Јаболковиот оцет може да го намали чешањето на каснатите места, само немојте да го нанесувате на отворена рана бидејќи ќе предизвика печење.
3. Средство за миење садови
Пред да го употребите овој метод, консултирајте се со ветеринарот. Бањањето на кучето со средство за садови може да ја исуши неговата кожа и да предизвика иритација.
Наполнете ја кадата со топла вода и ставете го кучето внатре. Потоа нанесете од средството во вашите раце и темелно исчистете го кучето. Кога ќе забележите дека болвите почнуваат да паѓаат во водата, темелно исплакнете го кучето. Ќе треба да го повторите овој процес неколкупати за да се ослободите од болвите. Исто така можете да употребувате и чешел за полесно да ги отстраните сите паразити.
Како да се ослободите од болвите со лекови?
1. Лекови без рецепт
Постојат многу лекови што ќе ви помогнат да ги отстраните болвите. Има спрејови, шамичиња, шампони, орални лекови и додатоци од многу компании. За полесно да се одлучите, следете ги следниве совети:
- Бренд: Осигурете се дека купувате производи од бренд на којшто му верувате.
- Обрнете внимание на инструкциите: Секогаш читајте го упатството за употреба и предупредувањата пред да му дадете што било на миленичето.
- Осигурете се дека е соодветно за вашето милениче: На многу лекови има возрасно ограничување со цел миленичето да биде безбедно. Некои лекови можат да бидат наменети и само за одредени раси кучиња.
2. Препишани лекови
Понекогаш препишаните лекови се најлесниот начин да се ослободите од болвите. Во овој случај посетете го вашиот ветеринар и тој ќе ви каже што да правите. Најверојатно ќе ви препорача орални или лекови за надворешна употреба.
- Орални лекови: Овие лекови се одлични за кучињата кои имаат почувствителна кожа. Овие лекови најчесто се џвакаат и имаат добар вкус за кучето, па веројатно нема да му биде проблем да ги пие еднаш месечно.
- Лекови за надворешна употреба: Најчесто овие лекови се во мало пакување и се нанесуваат на вратот на кучето еднаш месечно. Едноставни се за нанесување и се добра опција доколку кучето не ги сака оралните лекови.
Погледнете и што значат различните лаења на вашето куче.