Како да се однесувате кога добивате подарок?
Многумина од нас не знаат како културно да реагираат кога ќе добијат подарок. За да знаете како да се однесувате во наредната таква прилика, следете ги следниве бонтон правила.
Пофалете го начинот на кој подарокот е спакуван
Првото нешто што треба да го направите при добивање на подарок е да го забележете начинот на кој тој е спакуван. Некои луѓе се трудат многу околу тоа и еден пофален збор навистина ќе ги направи среќни. Секако, доколку подарокот е обично спакуван или без никаква опаковка, сосема е во ред, ништо да не искоментирате.
Покажете восхит
Некои сметаат дека е смотано премногу да се радувате на подароци, но тоа не треба да биде така. Кога се гледа дека подарокот ви се допаѓа, личноста која го подарува се чувствува уште поубаво. Не мора да скокате од радост, но покажете природна доза восхит и задоволство.
Искрено заблагодарете се
„Благодарам“ е збор кој се кажува дури и ако подарокот баш и не ви се допаѓа. Со тоа покажувате култура и почит спрема оној кој подарува. А ако пак навистина многу ви се допаѓа, не штедете на чувства и реагирајте топло и искрено.
Пробајте го или разгледајте го
Ова секако зависи од самиот подарок, но доколку сте во можност, не се двоумете да го пробате или да го разгледате уште веднаш. Така оној што ви го дал, навистина ќе се увери дека го цените и дека ви се допаѓа. На пример, ако станува збор за парфем, веднаш отворете го и намирисајте се.
Зборувајте за идната употреба
Доколку не можете да го пробате уште веднаш, тогаш најкултурно е да зборувате за тоа како би го користеле подоцна. На пример, ако станува збор за кујнски сет, кажете им дека едвај чекате да зготвите нешто и да го испробате. Ова покажува дека сте возбудени од тоа колку е корисен самиот подарок. Така личноста што го подарува, чувствува дека го направил вистинскиот избор.
Носете го на себе
Ова секако е најприкладно ако подарокот е облека или накит. Кога нареден пат ќе се видите со личноста која ви подарила такво нешто, носете ја таа облека или тој накит. Така ќе покажете дека не сте се преправале и дека секој коментар за убавината и корисноста на подарокот бил искрен.
Покажете дека ви е мило
Реагирајте спонтано и едноставно кажете дека ви е мерак што некој помислил на вас и ви подарил нешто толку посебно. Ова е наједноставниот и најискрениот начин, како најлесно да допрете до личноста која подарува. И секако, запомнете дека секогаш пред да добиете некој подарок, треба да размислувате за тоа што вие најмногу би сакале да слушнете, доколку некому нешто подарувате.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.