Како да се надмине вечниот проблем во односот помеѓу менаџерите и вработените?

Како да се надмине вечниот проблем во односот помеѓу менаџерите и вработените?

Автор: Надица Чесмаџиска

Како и секој понеделник така и овој пат поминав до кафулето каде редовно се среќавам со моите пријатели за да се релаксираме после напорниот работен ден. Дискусијата и овој пат ја отворивме со вечната проблематика – однос менаџер-вработен. „Како и секогаш, у 5 за 12 ми рекоа да го средам документот“, „е стварно не можам да работам под притисок“, „цела работа ја направив тип-топ и едно фала не може да каже!“ и она што посебно ми се виде интересно „значи што и да направам пак сум у грешка“ – се провлекуваа неколку пати во текот на разговорот.

Несвесно си ги повторувавме коментарите и се случи во текот на 3-часовното наше дружење барем двајца да се нашле во иста ситуација. Си помислив или ги имаме истите менаџери (ама знам дека се со полно работно време кај нас) или пак постои некој проблем во меѓусебната комуникација помеѓу вработените и менаџерите на генерално ниво.

Business Discussion

Истражувањата на Гугл, многуте панел дискусии, обуките на кои сме присуствувале со колегите, менторските средби кои сме ги имале зборуваат дека односот менаџер-вработен треба постојано да се усовршува. Сите сме емоционално интелигентни, ДА сите зборуваме за тимска работа, сите сме поборници на концептот „да се биде дел од организацијата“, но некако имам чувство дека сѐ се сведува на многубројни стресни ситуации, незадоволство, мноштво саати поминати на работа, незавршени задачи и доста, како што на шега ги викам јас, „креативни дискусии“ (чешлање) помеѓу вработените и менаџерите.

Овие совети можат да ви помогнат во подобрување на односот со претпоставените:

Емпатија
  • Од аспект на менаџерот – Менаџерите мора добро да го познаваат својот тим (капацитетот со кој располагаат, можностите, мотивацијата) за врз основа на тоа да дадат добар бриф со цел една задача да биде успешно завршена. Во спротива, очекувањата на менаџерите ќе бидат големи, а фрустрациите за недовршената или лошо завршената обврска ќе бидат обострани.
  • Од аспект на вработениот – Треба да разбереме дека и менаџерите се вработени како нас, и тие одговараат некому и ги делат донекаде истите проблеми. И од нив се бараат истите резултати, и тие сакаат да се завршат работите во најбрз рок и на најдобар начин итн.

Признајте дека сте згрешиле – Признајте, на почетокот барем во себе, а подоцна и на глас. И не ги повторувајте истите грешки. Кога ќе признаете, нормално е менаџерот да покаже разбирање, а и можноста да научите од грешката е поголема.

Активно слушање и парафразирање – Не дозволувајте да се најдете во ситуација да донесете погрешна одлука или да преземете акција само затоа што ви било незгодно или пак сте се плашеле да не испаднете глупави бидејќи не сте ја разбрале добро пораката од менаџерот, и не сте го прашале дали го мисли истото што вие сте го сфатиле.

Исполнување на договореното – Помалку ветувајте доколку не сте сигурни дека ќе ја завршите работата докрај. Ситуацијата со сигурност ќе ескалира доколку:

  1. Ветите дека ќе ја исполните зададената обврска и притоа не го правите тоа од ваши „оправдани“ причини
  2. Самите сте одлучиле дека активноста е помалку важна и сте направиле лоша приоретизација
  3. Ја преземате задачата, но менувате нешто во неа бидејќи сте сметале дека така е подобро

И да го правите ова, секогаш дискутирајте отворено со вашите менаџери и аргументирајте ги вашите постапки. Во спротивно тие ќе ја изгубат довербата во вас, не ќе можат да ви дадат поголема одговорност и едноставно нема да може да се потпрат на вас. Кај нас во фирма се случува да кажат „ставете се во наша ситуација и помислете како вие ќе се чувствувате ако ве зезнат.“

Подобро планирање – Ќе се навратам на коментарот од погоре „како и секогаш, у 5 за 12 ми рекоа да го средам документот“. Ако се случи ова еднаш во 3 месеци е ОК, но ако се повторува секој втор ден тогаш менаџерот или има проблем со вас, или ве фрла во оган сакајќи да го тестира вашиот капацитет и можности или пак едноставно му е потребно подобро планирање.

„Ми треба листава за вчера“ е менаџерски концепт на работа кој ретко на кој му се допаѓа. Сакајќи да нѐ притиснат да не ги заборавиме задачите кои треба да се завршат навреме, менаџерите често знаат намерно да го поместат рокот на исполнување понапред од вообичаено, па наместо успешно завршена работа, најчесто се појавуваат грешки.

Ефект на додадена вредност – Секогаш направете повеќе од очекуваното. Знам дека тоа нѐ чини повеќе време поминато пред компјутер, повеќе работа, повеќе обврски, помалку време за себе, помалку време поминато со пријателите, но чувството е исполнувачко. Направете го тоа пред сѐ за себе, докажете дека сте секогаш спремни за едно скалило погоре.

Петар Лазаров и Калин Бабушку, основачи на Македонија Експорт, се автори на прирачникот Tip of the week кој изобилува со совети за личен и професионален развој. Повеќе информации ќе најдете на нивната страница на Фејсбук.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар