Како да се изградите во комплетна личност?

Како да се изградите во комплетна личност?

Животот знае да биде толку брз и непредвидлив, што понекогаш забораваме да работиме на себе ментално, физички, емоционално и духовно. Со еден збор, забораваме да се надградуваме, раснеме и подобруваме. Градењето на личноста е од особена важност за живот исполнет со среќа, мотивација и душевен мир. Затоа, на патот кон самонадградувањето, ви ги нудиме следниве совети, кои со секој изминат ден, ќе ве носат поблиску до личноста, која секогаш сте сакале да постанете.

ХРАНЕТЕ ГО УМОТ

(0) kako-da-se-izgradite-vo-kompletna-lichnost-kafepauza.mk

1. Завршете ја најтешката задача за денот

Најпрвин завршете ја најтешката предвидена активност, за да не ви тежи во текот на денот. Без разлика дали е некој обемен проект или повик што баш и не сакате да го направите, стиснете заби и завршете со тоа што порано. Ќе си бидете благодарни!

2. Учете нови вештини

Дали постои вештина што отсекогаш сте сакале да ја знаете? Па, што чекате! Сега е одлично време за учење нешто ново. Можеби нов јазик? Пребарувајте на интернет, запишете се на курс и почнете уште веднаш. Или можеби отсекогаш сте мечтаеле за некој инструмент? Време е да ги посетите часовите по музичко и да го направите она за што отсекогаш сте сонувале.

3. Помош од пријателите

Во моментов и немате баш доволно пари за да одите на музичко или јазичен курс? Тогаш, зборувајте со пријателите. Можеби токму тие веќе ги имаат усовршено тие вештини и ќе им биде мило да ви помогнат. За возврат, вие нив ќе ги збогатите со некои од вашите идеи и вештини.

4. Читање, читање, читање!

Навистина може многу да се научи од книгите. Ви го отвораат умот и ве изложуваат на најразлични ситуации, кои можеби вие самите никогаш нема да ги доживеете. Не знаете од каде да почнете? Еве неколку совети кои ќе ви помогнат при изборот на книга.

ГРИЖЕТЕ СЕ ЗА ТЕЛОТО

(1) kako-da-se-izgradite-vo-kompletna-lichnost-kafepauza.mk

1. Вежбајте

Пробајте нешто поинакво. Поставете си предизвик и пробајте некои потешки вежби. Наместо вообичаениот кардио-тренинг, правете вежби со својата тежина или вежбајте на машини со отпор.

2. Хранете се здраво

Можеби ова ви звучи како излитена фраза, но и тоа како е корисна и вистинита. Чипсот не е решението за сѐ. Запомнете: храната или го подобрува или го влошува изгледот на вашето тело. Па, за да забележите подобрување, тогаш подобро да консумирате што повеќе овошје и зеленчук.

3. Запишете се на фитнес

Одењето на групни фитнес часови, прави чуда за мотивацијата и желбата за успех. Запишете се со некој/а пријател/ка, за да не паѓате во искушение да не се појавувате на часовите. Или ако сметате дека ова е премногу за вас, одете на зумба. Одличен начин за враќање во форма после долг период на нередовна активност.

4. Вода

Секако, соковите се секогаш повкусни. Но, од огромна важност е да пиете што поголемо количество вода во текот на денот. Каде и да одите, со себе носете си шишенце вода. По некое време ќе забележите позитивни промени на кожата, нивото на енергија и воопшто, на целиот изглед.

ОТВОРЕТЕ СЕ ЗА СРЕЌА

(2) kako-da-se-izgradite-vo-kompletna-lichnost-kafepauza.mk

1. Охрабрувајте ги другите

Нема поубаво чувство од тоа да усреќите некого, особено кога станува збор за личност што навистина ви значи. Среќата е заразна. Искажувајте благодарност отворено, не ги сокривајте чувствата и охрабрувајте ги другите да го дадат најдоброто од себе.

2. Насмевнете се

Насмевката, па дури и насила постигната, помага при лачењето на хормонот ендорфин, што пак ве прави посреќни. Кога негативните мисли и чувства ќе сакаат да ве обземат, само кажете им збогум со едноставна насмевка.

3. Или уште подобро, смејте се

Знаете ли зошто толку убаво се чувствувате после добро смеење? Тоа е токму поради ендорфинот споменат погоре. Барем еднаш дневно потрудете се да се насмеете од срце. Ќе се чувствувате многу подобро.

4. Опкружете се со позитивни луѓе

Дали имате другари кои едноставно ве исцрпуваат и се постојано негативни? Или, уште полошо, кои суптилно го саботираат секој ваш напор за промена? Тогаш, навистина не можете да бидете среќни. Поминувајте време со луѓе кои ќе ве охрабрат и инспирираат. Го заслужувате тоа.

ГРАДЕТЕ СЕ ДУХОВНО

(3) kako-da-se-izgradite-vo-kompletna-lichnost-kafepauza.mk

1. Поставете цели

Овде не мислиме на цели поврзани со кариерата, иако и тие се секако значајни. Почнете го денот, размислувајќи за една добра работа што може да ја направите во текот на тие 24 часа. Нешто што би ве направило вас или некој друг, да се чувствува поубаво и посреќно.

2. Вежбајте благодарност

Секогаш ќе има работи кои ги сакаме, но не можеме да ги имаме. Важно е да ги цениме нештата што ги имаме, што пак ќе направи да го цениме самиот живот и изборите што ги правиме. На крајот на денот, издвојте една работа за која сте благодарни што се случила токму тогаш. Фокусирајте се на позитивното и отворете се за духовност и внатрешен мир.

3. Јога

Не само што јогата е добра за здравјето, туку и го чисти умот и ви помага полесно да дојдете во контакт со себе. И наједноставните пози го даваат овој ефект. Затоа, почнете го денот на овој начин и нема да зажалите.

4. Животот е еден

Животот со себе носи проблеми, болки, недоразбирања, кои понекогаш знаат да нѐ обземат. Колку и да се трудите, не можете да минете преку нив и дозволувате да ве измачуваат. Но, сфатете дека за една година од сега, да не зборуваме до крајот на животот, тие проблеми ќе бидат сосема незначајни и ќе се каете што сте дозволиле да се однесувате така. Затоа, останете смирени и позитивни. Имате само еден живот. Направете го вреден за паметење.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран преведувач и толкувач. Непоправлив перфекционист. Љубопитна, интуитивна и насмеана. Ја сака уметноста и културниот живот. Идеалист. Верува во астрологија, убаво утринско кафе и позитивно размислување.

Поврзани содржини

Остави коментар