Како да развиете емпатија кон колегата што не ви се допаѓа?
Кога се работи за поширок колектив, како што е работното место, многу е веројатно дека ќе постои најмалку една личност која не ви се допаѓа и чие присуство ве вознемирува. Решението не е во тоа да ја избегнувате, бидејќи тоа некогаш може да ја влоши ситуацијата. Размислете да пристапите на проблемот од друга страна.
Постојат многу причини поради кои некој колега не ви се допаѓа, почнувајќи од самата интонација на говорот, начинот на работа и однесувањето во фирмата, па сè до однесувањето конкретно кон вас. Работата во денешно време сè почесто се заснова на тимска работа, па комуникацијата е неопходна дури и со најиритантните колеги. Можеби доколку се обидете да воспоставите емпатија кон нив, полесно ќе можете да избалансирате меѓу работата и нивното постоење.
Најдете го коренот
Некогаш нетрпеливоста доаѓа од однесувањето на конкретната личност, но некогаш може да биде и поради вас, бидејќи ве потсетува на некој друг кој не ви се допаѓа. Најпрво запрашајте се себе што точно ја предизвикува антипатијата кај вас. Тоа ќе го зголеми вашиот капацитет за емпатија дури и кон оние кои секојдневно ги доведуваат вашите нерви на самиот раб. Можеби и за нивното однесување има некоја причина? Обидете се да развиете сочувство, што ќе се рефлектира и врз целокупниот однос.
Останете смирени
Препознајте ги оние нешта кои ја предизвикуваат вашата реакција и вознемиреност. Се работи за некој кој доцни? Или можеби сака да ги избегнува обврските, без разлика кој и да треба да ги надомести? Доколку на ова реагирате со губење на нервите, тресење и потење на рацете и со покачување на температурата, во моментот настанало исклучување на центрите за рационалност и размислување. Кога ќе забележите дека тоа се случува, вдишете длабоко и смирете го стресот, пред да се впуштите во „настап“ од кој нема да излезе ништо добро. Останете смирени, бидејќи тоа не е избегнување на ситуацијата, туку напротив, се презема целосна контрола врз неа.
Бидете љубопитни
Постојат два вида емпатија: когнитивна и емоционална. Првата помага да се разбере перспективата на другиот, а втората да се развие сочувството. И двата вида можат да помогнат во овие ситуации.
Со воспоставување на когнитивната емпатија, ги зголемувате шансите да го разберете другиот (во овој пример, колегата кој ви гази на нервите) и да дознаете зошто се однесува како што се однесува. Одете подалеку од вашиот видик, запрашајте се за неговото потекло, за семејната историја, за нивото на образование и за дневните предизвици кои го прават таков каков што е. Секако, ова не значи дека треба веднаш да го прифатите како пријател или да се согласите со него, но тоа ќе ви даде пореална слика за причините за неговото однесување.
Потоа, неопходно е да ја развиете и емоционалната емпатија, дел што може да биде доста потежок. Најлесно е да почнете од тоа што на колегата што ве иритира ќе гледате како на шестгодишно дете, ќе го „хуманизирате“ впечатокот за него и ќе пронајдете нешто што ви се допаѓа. Ова не значи дека треба да го барате одговорот во неговото детство или во приватниот живот, туку едноставно, обидете се да воспоставите „емоционална резонанца“ поради која ќе се смират страстите од двете страни.
Пронајдете сличности и бидете љубезни
Секогаш кога се обидувате да бидете емпатични кон некого, треба и да посакате да дознаете повеќе за него, како и да ги пронајдете клучните сличности меѓу вас и таа личност. Пробајте дури и да започнете разговор, сосема е веројатно дека се работи за доста поотворена личност, за разлика од впечатокот што го оддава. Бидете љубезни, бидејќи така вие изгледате пристапно и неосудувачки. Исклучете го пасивно-агресивниот пристап и саркастичните забелешки кога избегнува да работи и прашајте дали можеби е потребна помош или насока. На вас е да одберете.
Разговарајте
Да се разговара со личност која ве иритира е особено тешко, но доколку се обидете, нема да наштети. Големи се шансите доколку вие не поднесувате некого, чувствата да се обострани. Земете воздух и обидете се да пронајдете начин како да ги надминете проблемите, бидејќи додека сте на работа, професионалниот пристап е најважен.
Да резимираме:
За да ја надминете ситуацијата потребно е да ја разберете и другата страна, да пристапите љубезно, да ги препознаете точните причини за негативната реакција и да останете смирени.
Никако не смеете да ја сфаќате ситуацијата премногу лично, па затоа концентрирајте се на сличностите со конкретната личност, разговарајте со неа, воспоставете подобар однос, бидејќи сепак, работите заедно.
Би можеле да ве интересираат и овие 10 знаци дека имате натпросечна емпатија.