Како да препознаете насилен маж?
Многумина се нашле во улога на сведоци на домашно насилство. Дали во својот дом, во своето соседство или во кругот на пријатели и познаници. Неретко ќе речете „Ако крене рака на мене, макар еднаш, излегувам низ врата и никогаш повторно не се враќам“. Но, дали е толку едноставно? Колку е лесно да му се стави крај на таквиот брак или врска? Често слушаме приказни за жени кои трпеле домашно насилство. Старите рекле дека е подобро да се спречи отколку да се лечи. Но, како да го препознаеме насилникот?Ова е профилот на насилен маж склон кон злоупотребување и нанесување емоционална, како и физичка болка. Знаејќи го ова, би можеле да се спасите себеси или личност која ви е блиска, од врска или брак со човек кој е склон кон злоупотреба и насилство.
Пребрзо крои планови за заедничка иднина и настојува на следниот чекор, како на пример заедничко живеење, иако е премногу рано.
Лошо се однесува и кон други жени, не ја почитува мајка си, ги потценува жените генерално.
Постојано настојува да го има целото ваше внимание. Не му се допаѓа кога сте излезени сами со друштво, не ги сака вашите пријатели, неретко се жали дека не му посветувате доволно внимание.
Прави љубоморни сцени. Не сака да се дружите или комуницирате со други мажи. Ќе ве оддалечи и од најдобриот другар. Насилникот најчесто е опсесивно љубоморен, а неретко и ќе ве обвини дека го изневерувате.
Сака да има контрола и моќ. Ја гледа својата партнерка како лична сопственост и верува дека има право да ја контролира и да ѝ кажува што да прави, каде да оди, како да се облече.
За секоја негова нервоза или за што и да му се случи, лесно ќе најде начин да ве обвини вам. Прави да се чувствувате како од вас целосно да зависи неговата среќа и благосостојба.
Проблемите од работа ги истура врз својата партнерка. Неретко нервозата ќе ја искаже со нагли движења, трескање врата или кршење предмети.
Го изолира својот партнер. Ќе ве натера да се одделите од друштвото, да се оддалечите од семејството, да се скарате со своите браќа или сестри. Ве поттикнува на изолираност од луѓето кои ви се блиски со цел за брзо време да зависите од него.Нема искрени врски со своите родители или пријатели. Нема цврсти пријателства и е неспособен да биде целосно искрен и отворен за своите чувства.
Патријархално е воспитан и верува дека е посилен од жената на секој можен начин, што воедно му дава право да ја контролира и да ѝ нанесе физичко зло.
Склон е кон консумирање алкохол или наркотици. Статистиката покажува дека 25% од насилниците ја тепаат својата жена само кога се пијани, 25% ја злоупотребуваат без разлика дали се пијани или трезни, 25% не пијат но се насилни, 25% се алкохоличари и најчесто не се пијани кога физички малтретираат.
Научен е дека агресијата и физичкото насилство се начини да се реши каков било проблем.
На насилниците им фали самодоверба. Не мора да значи дека секој човек кој има проблем со самодовербата е насилник. Поентата е во тоа што насилниците чувствуваат дека немаат доволно авторитет и дека не се доволно важни и успешни, колку и да не го покажуваат тоа, па затоа сакаат да владеат со партнерот.
Себичен и егоист. Сака сè да се врти околу него.
Своето насилство кон вас го објаснува како длабока љубов и грижа.Манипулатор. Знае да манипулира, да ве збуни, да ве наведе да му верувате. На почетокот ќе ви изгледа како грижлив и сосема нормален човек.
Дали ви се заканил дека ќе ви нанесе зло доколку го напуштите, или пак дека ќе повреди некој друг? Дали често ве турка, влече за рака, ве стега премногу силно, или ве оддалечува од јавни места по што почнува да ви вика?
Ве навредува? Можеби често употребува пцовки или ве нарекува со погрдни имиња?
Често го менува расположението и е непредвидлив.
Ве става во негова сенка. Прави да се чувствувате дека не сте доволно добри.
Ве тера да правите работи кои не ги сакате. Можеби ќе ви рече дека е најдобро да дадете отказ од вашето работно место или да прекинете да комуницирате со некого под изговор дека тој некој не ви мисли добро.
Најважно! Насилниците се луѓе кои одлично глумат. Колку и да се насилни, вербално или физички, знаат да одглумат неверојатна контрола и смиреност пред други луѓе, како што се членови на семејството, пријатели, социјални работници, полиција…
Сега останува да се запрашате дали доволно ја знаете личноста со која сте во врска?
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.