Како да препознаете дали тој е сѐ уште вљубен во неговата поранешна девојка?
Доколку сте на почеток на врската, голема е веројатноста дека не сте целосно сигурни во неговите чувства. Тој можеби целосно ви посветува внимание и постојано сте заедно, но сепак сомнежот е присутен и нешто ви кажува дека тој нема баш расчистено со минатото. Особено ако пред вас бил во долга и сериозна врска која завршила неодамна. Постои можност само да си ги замислувате работите и без потреба да се сомневате, но ако тој ги покажува следниве неколку знаци, треба да се соочите со вистината, да ја прифатите и да го оставите целосно да помине низ процесот на преболување.
Големи се шансите на почеток воопшто да не забележите. Тој започнува нешто ново со вас и изгледа како навистина да му се допаѓате, така што очигледно последната врска не го погодила многу.
Потоа ќе почнете да забележувате дека тој има добри и лоши денови. Понекогаш ви се чини како да не може да ги тргне рацете од вас, а некогаш целосно се оддалечува и не покажува никаков интерес.
Со текот на времето ќе почнете да забележувате како се менува неговиот тон кога зборува за неа. Можеби тој ја споменува повеќе пати во текот на вашите разговори и притоа некој меланхоличен поглед го обвива неговото лице. Вам ви е непријатно и само го слушате бидејќи не сакате да бидете некултурни и да го прекинете, но со задоволство би разговарале за што било друго на светот. А можеби се случува токму спротивното. Секогаш кога ќе му поставите обично прашање за неа, одеднаш неговиот израз на лицето се згрчува и тој ја менува темата што е можно побрзо. Очигледно е дека тој повеќе би сакал да разговара за што било друго на светот.
Ќе забележите дека нејзиното име одвреме-навреме се појавува на неговиот телефон. Се обидувате да не се опседнувате со тоа. Нормално е поранешните партнери да останат пријатели и да одржуваат контакт, нема потреба премногу да ја анализирате целата ситуација. Но, како што поминувате повеќе време со него, почнувате да се прашувате кога овие двајца ќе ја надминат фазата на зборување и повторно ќе започнат врска. Сигурни сте дека тој е само со вас, па каде лежи проблемот? Со денови се нервирате поради ова и по бројни разговори со вашите пријателки, конечно собравте храброст да го изговорите озлогласеното „На што сме?“. Тој ви дава несериозен одговор дека вие двајца „Се гледате“. Ви требаше неверојатна храброст за да го прашате тоа, па пред да размислите добро одеднаш издрдорувате: „Дали сѐ уште си вљубен во твојата поранешна девојка?“.
И двајцата сте изненадени од овој неочекуван потег. Тој ве зјапа, со подотворена уста и размислува како да ви одговори на прашањето, но неговото двоумење веќе ви го даде потребниот одговор.
Длабоко во себе знаете дека тој да не беше вљубен во неговата поранешна девојка, веднаш ќе ви одговореше со „Не“. И воопшто немаше да има некакви знаци што би ве навеле да го прашате тоа. Многу луѓе, и жени и мажи, сакаат што побрзо да ја остават нивната последна врска зад себе, така што ако се сомневате дека тој не ја преболел неговата поранешна, веројатно сте во право.
Како да реагирате во таква ситуација?
Мора да го прифатите тоа и да продолжите понатаму. Можеби ќе ви биде тешко, но уште потешко е да бидете со него, а да знаете дека некоја друга девојка зазема големо место во неговото срце. Можеби ќе сакате да потрошите време и енергија за да го освоите. Ќе го приготвувате неговото омилено јадење, секогаш ќе бидете расположени за секс и секогаш ќе му бидете достапни. Но, ова ќе биде бескорисно, а вие воопшто не заслужувате да бидете нечија замена.
Заслужувате некој чии мисли ќе бидат окупирани само со вас. И за кого вие ќе бидете првиот избор, исто како што и тој е за вас. Ако сте со партнер кој сѐ уште е вљубен во неговата поранешна девојка, оставете го. Љубовта на вашиот живот ве чека зад следниот агол.