Како да преболите некого со кого не сте ни започнале врска?

Како да преболите некого со кого не сте ни започнале врска?

Срцето никогаш не дискриминира. Не прашува дали и колку долго сте биле во врска со некого. Болката предизвикана од скршеното срце не е помала само затоа што личноста по која патите не била ваше момче или девојка. Понекогаш оваа болка е дури и поголема, затоа што постои факторот „Што ако“ кој игра голема улога.

Како да преболите некого со кого не сте ни започнале врска?

Навидум, лесно е да се дефинираат љубовните врски. Или сте заедно или не сте. Или сте сингл или имате партнер. Но, што ако сте направиле емоционален влог во некој кој не сака да ви се посвети и да ви го даде она што го барате? Во тој случај, се надевате дека еден ден ќе се случи нешто.

Но, тогаш се соочувате со бруталната реалност дека личноста во која сте ги вложиле вашите емоции, не ви ги возвраќа чувствата. Краевите се уште потешки кога не ни започнале. Не можете да си ги вратите чувствата што сте ги вложиле. Сѐ е готово, а вие треба да се преправате дека сѐ е во ред.

Страдате поради врска која не била вистинска иако вашата љубов била реална. Чувствата се вистински и не ви треба дефиниција за да ги оправдате. Немојте да се чувствувате виновни поради болката што ја чувствувате. Понекогаш многу посилно ги сакаме луѓе со кои никогаш не сме биле во врска.

Не станува збор за раскинување, но така изгледа. Не спиете навечер. Плачете во 3 часот по полноќ. Се будите изморени, зјапате во телефонот и се сеќавате на периодот кога сте се буделе поради нивната порака или известување. Сега телефонот е малку потивок. Ви недостасува таа личност, но исто така ви недостасува и надежта во тоа дека помеѓу вас би можело да се роди нешто прекрасно. Болката е длабока, но не можете да ги искажете вашите чувства во јавност. Не можете да се распаднете, бидејќи луѓето ќе реагираат со „Што ти е? Не ни бевте во врска“.

Не мора да бидете во врска за да се вљубите. Не мора да бидете во врска за да ви се скрши срцето. Кога имате чувства кон некого, болката е иста. Но, најтешкиот дел од преболувањето е тоа што вашиот сакан или сакана не ни знаат колку страдате. Тие не се свесни колку силен белег ви оставиле.

Па затоа, одговарате на нивните пораки. Се обидувате да останете силни. Се преправате дека ги прифаќате околностите и дека може да бидете пријатели. Но, секогаш кога ќе ги видите, се потсетувате на она што никогаш нема да бидете и тоа ве уништува. Си го губите сонот поради човек кој најверојатно спие до некој друг.

Постојано мислите на минатото и се обидувате да сфатите кои знаци сте ги протолкувале погрешно. Можеби вашата врска не била физичка, но емоциите отсекогаш биле присутни. Нормално е тоа што не знаете како да се ослободите од оваа болка што полека почнува да владее со вас. Срцето ви го скршил некој кој би требало лесно да го преболите. Но, кога сакате некого и сте очекувале повеќе, ќе ви треба повеќе време за да ги излечите раните и тоа е сосема во ред.

Како да преболите некого со кого не сте ни започнале врска?

Не смеете да глумите дека сте силни и да им дозволувате на тие луѓе да останат во вашиот живот. Можеби тие ќе забележат дека се оддалечувате. Можеби ќе забележат дека не разговарате толку колку порано. Можеби ќе ви се јават и ќе ве прашаат што не е во ред.

Еден дел од вас сака да викне на сиот глас „Да! Ме повреди. Ме скрши. Ме уништи“. Но, продолжувате да молчите, бидејќи се чувствувате како будала поради тоа што патите по крајот на нешто што не ни започнало.

Не сте само вие виновни. Оваа личност ве навела да помислите дека постои нешто помеѓу вас. Да беше сосема искрена уште на самиот почеток, немаше да се вљубите толку брзо. Напротив! Оваа личност можеби знаела како се чувствувате и уште толку додавала масло на огнот.

Можеби постоела физичка врска помеѓу вас, само што никогаш не сте ја дефинирале. Можеби ви го кажале сето она што сте сакале да го чуете, затоа што вашето присуство им го пумпало егото.

Без разлика за што станува збор, некој ви дозволил да се вљубите без никаква намера да ви ги возврати чувствата. Не се чувствувајте виновни поради болката што ја чувствувате, само затоа што вашата врска не била дефинирана. Плачете колку што сакате и чувствувајте колку што можете повеќе. Повлечете се без никакво објаснување бидејќи не ја заслужувате оваа болка и тие не ве заслужуваат вам.

Меѓутоа, кога ќе заздравите и кога вашите солзи ќе пресушат, не им дозволувајте повторно да ви го скршат срцето. Дајте си време за да преболите и покрај тоа што никогаш не постоела вистинска врска помеѓу вас. Никој не смее да ви кажува како би требало да се чувствувате и колку лесно би требало да продолжите понатаму. Свртете нов лист кога ќе бидете подготвени за тоа.

Во продолжение прочитајте како вистински да го преболите бившиот партнер.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар